Изложба „Преобоени фотографии“ на Владимир Благојевиќ

Во Музејот на Северна Македонија утре (20 јули) од 20 часот ќе биде отворена изложбата „Преобоени фотографии“.

Станува збор за изложба на десет слики изведени во mix media (комбинација на акрил, сува пастел, маркери и туш) на кои се прикажани делови од секојдневниот селски живот во минатиот век.

„Оваа серија слики е со цел да им даде нова димензија на старите црно бели фотографии кои се наоѓаат во колекцијата на нашиот Музеј, но и да ги потсети посетителите на длабокото народно богатство на селскиот живот во Македонија кое е зачувано преку фотографиите на Благоја Дрнков“, стои во најавата за настанот.

Автор на изложбата е Владимир Благојевиќ, етнолог водич едукатор при НУ Музеј на РС Македонија. Покрај работата во едукативниот центар во етнолошкиот дел на Музејот, тој зад себе има бројни самостојни и групни изложби. Благојевиќ е познат и како автор на стрипови.