Изложба „Помеѓу зборот и сонот“ од академската сликарка Наташа Андонова во МКЦ

Во изложбениот салон на Младинскиот културен центар во Скопје ќе биде претставена монографската изложба „Помеѓу зборот и сонот“ од академската сликарка Наташа Андонова. Настанот ќе се одржи во понеделник (5 април), во 19 часот, а е во организација на Музеј на град Скопје и Град Скопје како дел од циклусот Калеидоскоп од КреАрт проектот.

На изложбата ќе бидат претставени илустрации за детски бајки и приказни, каде Андонова оттргнувајќи ги од светот на фантазијата создава нови визуелни приказни во кои волшебно ги разигрува мноштвото нејзини јунаци.

„Во текот на својата творечка дејност, Наташа ќе експериметира во изразот со повеќе сликарски техники, но цртежот во молив и акварелот ќе бидат техники со кои ќе достигне високи дострели, оформувајќи личен ракопис на врвен мајстор. Дијапазонот на уметничката личност на Наташа е доста широк, со нагласок на детските илустраци, секогаш со прецизен цртеж и рафиниран и топол колорит. Сеопфатно, независно дали се работи за класичен цртеж на хартија или дигитален цртеж, лексиката на сликарството на Андонова, е повеќеслојна и се одликува со континуитет и доследност, со сензибилитет кој е речиси секогаш лирски интониран“, стои во најавата за настанот.

Сликарските вредности на илустрациите на Наташа, зрачат со својата оригиналност и свежина, со широки потези и слободни форми,  топла и ведра панорама на тоналитети со поетичен карактер, дела кои со своето постоење имаат трајна вредност и ја збогатуваат нашата ликовна современост.

„Детето во нас никогаш не е доволно пораснато за да престане со љубопитност. Ние сме постојано во потрага по нови знаења, искуства и нови светогледи. Тоа значи дека растеме.Растеме низ игра, а  фантазијата е горивото за растењето. Тука има препреки , грешки и паѓање, како и во бајките. Во бајките ,прозата и поезијата суштинското добро е коренот на кој почива мотивот и доаѓањето до него е целта. Во потрага по тоа добро,чекорат храбрите јунаци-ликовите со атрибути  на лојалност, доблест, љубов, љубопитност заедно со  нивните опоненти во еден виор и вртлог на фабулата. Нивната авантура е наша авантура,се идентификуваме,осознаваме и највеќе од се – создаваме слики, визуелни отисоци кои се складираат во нашето помнење и се репродуцираат ненајдејно и спонтано кога ќе им се посака. Помеѓу зборот и сонот се простира сликата, ликот, атмосферата кои ги викаме илустрација“, вели уметницата Андонова.

Куратор на изложбата е Јасминка Намичева, советник кустос од Музеј на град Скопје, и организатор на КреАрт за Музеј на град Скопје.