Изложба на уметниците Филип Јовановски и Ивана Васева во Белград

Делото „Текстил и јад“ на визуелниот уметник Филип Јовановски и истражувачкиот проект „Црвен ни е бајракот, што гордо се вее: културната еманципација на работниците и културата на трудот во модната конфекција „Астибо“ во Штип, во 70-тите и 80-тите години на 20 век“  на кураторката Ивана Васева се дел од изложбата „Градови ви подигнавме, изложба за противречностите на југословенскиот социјализам “ која ќе се отвори вечерва во Галеријата Цвета Зузориќ во Белград.

Новиот уметнички проект се манифестира во форма на весник колективно уреден со работниците и активисти од организацијата „Гласен текстилец“ од Штип, како (политички) простор за еманципација и колективна акција која ќе иницира услови за подобри човекови и работнички права.

Во основата на ова уметничко дело е развивањето на релациите и односите меѓу работниците и културните работници, како современ естетски чин во активирањето за заедничка борба за нивните работнички права, појаснуваат уметниците.

Весникот, реферира на наследството од културниот живот на фабриката „Астибо“ во Штип, посебно надоврзувајќи се на содржината и структурата на весникот „Астибо”, кој беше објавуван во периодот 1973-1993 година.

Делото е дополнително збогатено со рачни торби, изработени од колективот „Гласен текстилец“ и постери на неколку оригинални насловни страници на весникот Астибо.

Истражувачкиот проект на кураторката Ивана Васева се осврнува на самоуправната култура во Југославија, како култура која им припаѓа на сите или покрај културните работници, и на работниците, и ќе се обиде да ја анализира важноста на културата во овој период, како култура која не сака да го направи работникот покултурен во некоја елитна смисла туку работничката класа да биде творец, креатор на културата и културната политика. Подлогата за ова истражување е весникот Астибо, како весник на работните луѓе во истоимената фабрика кој за прв пат излегол од печат во 1973 год.

Делото на Филип Јовановски, пак, зборува за промената на работните услови т.е. преминот од социјализмот во капиталистичките односи воведе и смена на работните услови.