Изложба на Ана Јовановска – „Буквата за себе и човекот“

Во Галеријата на Факултетот за ликовни уметности, на 29.09 со почеток во 20:00 часот, ќе се отвори изложбата „Буквата за себе и човекот“ на младата уметница Ана Јовановска.

Делата од оваа изложба заокружуваат еден процес презентиран преку графики (традиционални и нетрадиционални), објекти и видео.

Ова визуелно истражување е обид за разработка на човековиот допринос за неговата човечкост, односно за човековата природа во човековото општество на паралела со јазикот и прикажување на поврзаноста на структурите во општеството преку структурите кои ги нуди јазикот.

Интересот за и преку „А“, не само како буква, туку и како почеток, со дури магиска оптовареност, симболичката употреба станува слика и отслика на азбуката на нашето време, пишува авторката на изложбата.

„Ана Јовановска, во своите графики, ја осведочува улогата на длабокото човеково значење на говорот, звукот децидиран во глас, гласот во артикулација на говорот и начинот на кој тој визуелно се репрезентира во еден јазик определен во знакот „буква““, пишува професорот на ФЛУ, Мирко Вујисиќ. „Симболистички и ликовно, промислено ги оформува знакот/знаците и буквите во повеќедимензионално значење, подредувајќи ги во композициски системи со израз на оформена ликовно-графичка култура“.

Ана на изложбата претставува создавање на ликовна симбиоза на вербалната експликација на социолошко-теориската тематика која во модерната уметност е најчесто консеквентно реторичка, во длабоко поетска, сетилна и артистички промислена ликовност.