[Интервју] Марија Деловска и Николија Пехчевска – Образование?! Абе ајде!

Марија Деловска и Николија Пехчевска сe средношколки од скопската гимназија „Орце Николов“, и дел од екипата на претставата „Образование?! Абе ајде!“, чија премиера ќе се одржи во понеделник во „Орце“.

За Радио МОФ тие раскажуваат за подготовките на претставата, за работата со нивниот професор Душко Стојановски, но и за тоа какво е македонското образование и зошто е избрано за тема во претставата.

Каква е оваа претстава, што ќе можат да видат посетителите на сцената?

Николија Пехчевска

Николија: Ќе може да се види што се случува во главата на учениците за време на училишен час. Ќе се види дека не’ мачат различни проблеми. Ќе се види еден револт кај нас, а најверојатно и кај професорите. Ние не сакаме да сме роботи, туку сакаме да не гледаат како човечки суштества.

Марија: Ова е спој на повеќе монолози – пастиж и секој ученик имаше задача да одбере сопствен монолог, зависи од кој извор, јас го одбрав од книгата „Сите светли точки“, мојата омилена книга. Во претставата може да се забележи дека доаѓа до израз вистинскиот идентитет на ликот, а не тоа што тој го кажува.

Како течеа подготовките и каква е атмосферата на пробите?

Николија: Подготовките беа многу интересни, затоа што не беше класично одредување улоги и работење на сценарио, баш напротив, уште од почетокот дискутиравме и склопувавме идеи, па така дојде и до оваа идеја – вечер на монолози. Имаме одлични проби и работиме напорно но тоа се исплати. Сите учествуваме и сечие мислење се цени.

Марија: Релаксирана, професорот Душко, иако е главен, ни дозволува на нас учениците да имаме збор за било што, да најдеме решение и да ја подобриме претставата, да внесеме наши креативни елементи – ни дава право на глас и затоа многу го почитувам. Можеме да се задржиме и по 3 часа, дискутирајќи меѓусебно и тоа ми се допаѓа. Едно големо благодарам до Николина Огненовска која ни ги направи плакатите за оваа претстава.

Која беше причината да се приклучите на оваа претстава?

Марија: Нашата проектна активност – драма ја води проф. Душко тој е главната причина, затоа што е мојот омилен професор и многу го ценам. Имам и сопствена причина, тоа беше да се вклучам во интересен проект затоа што сметам дека на овој начин јас го проширив мојот круг на пријателство.

Николија: Еден од мотивите е дека ја сакам уметноста и сакам да сум пред луѓе. Друг мотив е што проф. Душко не ми предава веќе македонски јазик и литература, а јас си реков – морам да го гледам и слушам овој човек, затоа што секоја минута помината со него е мудрост за цел живот.

Како се снајдовте со улогите и кој ви беше најголем предизвик во претставата?

Марија Деловска

Марија: Да го доловам ликот, затоа што глумам изгубена, потиштена личност и затоа што е монолог, нема комични елементи, преовладуваат сериозни елементи. Мојот лик не доаѓа до израз со глума или мимики, туку повеќе со начинот на говор и експресиите на лицето со кои треба да се допре до гледачите.

Николија:Најголем предизвик со мојот лик е тоа што за време на пробите бев со луѓе кои ги сретнав за прв пат, да се ослободам пред нив и да бидам тоа што сакам беше тешко за мене. На крај се ослободив и сфатив дека сите сме исти.

Што сакаат да кажат ученици со оваа претстава?

Марија: Целта е да се покаже дека образованието не е такво како што се претставува; така започнува и претставата, со училишен час, каде владеат строги правила. Сакаме да покажеме дека сме слободни луѓе и дека треба да не’ цени образовниот систем со нашите внатрешни квалитети. Не сме сите исти, се разликуваме по нешто што не’ прави посебно убави, што не’ обликува нас.

Николија:Со нашата претставата сакаме да ја подигнеме свеста за тоа дека чувствуваме, дека заслужуваме внимание и дека овој систем тоа не го постигнува. Системот се труди да не’ бутне на дното, но ние ќе докажеме на сите, дека сме повеќе од овој систем и сме посилни од него. Способни сме да се избориме, и ако можеме ние – може секој. Се надевам дека како што допре претставата до мене ќе допре и до сите вас.

Какво е нашето образование, а какво треба да биде?

Марија: Нашето образование е многу стриктно, ги ограничува учениците, да немаат доволно слобода на израз. Со нашата претстава сакаме да прикажеме дека учениците имаат чувство на слобода, сакаме да им доловиме на гледачите дека не сме само марионетки на образовниот систем.  Треба да е попрактично, да нуди поинтересни содржини кои ќе ги заинтригираат учениците да имаат желба да учат, да не биде толку ограничено според правила, а професорите повеќе да им се посветат на учениците и нивното знаење што ќе го стекнат, а не на оценките.

Николија: Не тераат да научиме непотребни нешта и воопшто не ни го ценат трудот. Имаме премногу предмети и непотребни информации. Во учебникот по социологија пишува дека хомосексуалците и децата без еден родител се деликвенти и пишува дека жените се интелектуално послабиот пол, што е вистинска срамота. Нашето образование треба да биде со помалку предмети, со помалку деца во клас, да може да изгради квалитетен однос на ученик-професор. Треба да се направат реформи и треба да се одржи седница каде и ние учениците ќе можеме да ги искажеме нашите ставови, односно какво треба да биде образованието. Какво не треба да биде ќе видиме на претставата.

Стефан Митиќ