#ИнстаИлустрации – Сара Саралиева

Сара Саралиева е графички дизајнер чиј пат до уметноста започнал по дипломирањето на Филозофскиот факултет при УКИМ. Таа решила да го следи својот интерес за уметноста, што ја довело до академијата „Џолев и уметностите“ каде завршила како најдобра студентка во групата за графички дизајн.

„ Ја сакам илустрацијата и фотографијата, и за двете повеќето од времето инспирација ми се девојките. Исто така, во фотографиите и во илустрациите сакам да вметнувам елементи од природата, посебно цвеќиња. Затоа што секоја девојка/жена ја гледам како уникатно цвеќе со своја убавина, и едноставно ми има смисла кога тие две елементи се споени заедно на едно место“, вели таа за Радио МОФ.

За Саралиева важи изреката дека ако го правиш тоа што го сакаш, нема да работиш ни еден ден во животот.

„Следен проект на кој што работам со колегите е Skopje Light Art District 2021 festival на МЦМ објектот, каде ги поканувам сите креативци, артисти и љубители на дизајнот да дојдат и да доживеат едно интересно искуство“, најави таа.

Саралиева е уште една илустраторка која се приклучува на нашата иницијатива #ИнстаИлустрации. Во продолжение, погледнете дел од нејзините илустрации: