#ИнстаИлустрации – Драган Милованов

Драган Милованов е графити уметник од Битола и илустратор кој твори повеќе од 7 години. Она што порано му било хоби, денес му е секојдневна работа која со задоволство ја работи.

Уличната уметност и создавањето на вертикална поставеност наместо на хартија, е она што го привлекувало отсекогаш, а се пронаоѓа и во дигиталната илустрација. Затоа, често ги комбинира овие два правци во еден.

„Во дигиталната илустрација многу често користам елементи коишто ги практикувам додека цртам на ѕид.  Сакам да користам силни бои, динамика, splashes, dripping, различни потези на четки и ефекти од спреј… Инспирација ми е природата и урбаниот начин на живот“, објаснува Милованов.

Тој вели дека многу труд вложил во разни проекти низ годиниве за да стигне до ова ниво, да работи дигитални илустрации за клиенти низ целиот свет.

„Сметам дека за да се постигни посакуван резултат како илустратор не е многу потребно формално образование туку желба, мноогу работа и упорност“, смета овој уметник.

Милованов е уште еден илустратор кој се приклучува на нашата иницијатива #ИнстаИлустрации. Во продолжение, погледнете дел од неговите илустрации: