Индија ќе им дава на туристите бесплатна СИМ картичка со визата

Индија, во обид да го реши најголемиот проблем на туристите – да комуницираат слободно додека се во државата, ќе им дава на сите кои доаѓаат во посета бесплатна СИМ картичка.

Индиското министерство за внатрешни работи го прифати предлогот федерацијата да дава СИМ картички на странците кои ја посетуваат со е-туристички визи. Планот ќе стапи на сила во септември годинава.

„Мислам дека услугата ќе почне да функционира на Светскиот ден на туризмот“, изјавил секретарот за туризам, Винод Зутши. Светски ден на туризмот е 27-ми септември.

Странците во Индија моментално треба да поминат низ долга процедура за да добијат индиски телефонски број. Потребни се неколку документи: доказ за идентитет, фотокопија од пасош со валидна виза, доказ за место на живеење и адресата на местото на привремен престој и фотографии се само дел од она што е потребно. Освен тоа, од туристот се бара и да направи верификација на телефонскиот број кај операторот од кој го набавува, што обично трае ден или два.

Одлуката е донесена како обид за привлекување на повеќе туристи во Индија. Земјата беше 38-ма на листата на најпосетувани држави во 2014, а туризмот придонел за 6,77 проценти од вкупниот БДП во истата година.