„Има пристапен влез во некои објекти, но не и излез“ – изработен Правилник за подобро движење на лицата со попреченост

Архитектонските бариери со кои се соочуваат лицата со попреченост се многу повеќе од лошо поставена рампа или зафатен паркинг простор. На пример, за лице во инвалидска количка, влезот може да е пристапен, но излезот не, и обратно. Потоа, во добар дел од објектите недостасуваат асистивни помагала, тактилни површини, како и аудио објаснување за опкружувањето, осветлувањето… Сите овие фактори влијаат врз тоа колку слободно и самостојно овие лица може да се движат.

Тие се вметнати и анализирани во новиот Правилник за пристапност на објекти од јавен интерес за лица со попреченост, чиј автор е Вангел Тркаљанов, експерт за прашања поврзани со попреченост, заедно со Импакт фондација.

Во него се опфатени начините на кои може да бидат пристапни рестораните, конференциските сали, шалтери, хотелските соби и тоалети, дел од државните институции, како и надворешните јавни површини.

Во својата анализа опфатиле 28 објекти од јавен интерес на ниво на Скопје, кои биле оценувани според посточеки законски регулативи и ИСО стандардите, а оценувачи биле токму лица со сензорна или интелектуална попреченост.

„Реалната слика за тоа како изгледаат нашите објекти е многу далеку од добра. Стандардите предвидуваат многу повеќе од тоа што, дури и јас како лице со попреченост го имам како перцепција за тоа што се е потребно за да имаме комплетна пристапност“, вели Тркаљанов.

Сепак, забележува дека има и такви објекти кои комплетно ги исполнуваат условите за нормално функционирање на лица со попреченост. Поголем дел од нив се во централното градско подрачје.

Преку нивниот Правилник, очекуваат да се подобрат условите. Според Јане Стефанов, координатор на проектот, нивната цел не е да ги казнат овие објекти, туку да им ги посочат слабостите и да им дадат насоки како да се поправат.

„Забележав во некои објекти каде што има предвидено рампа, ставено е големо цвеќе кое ја блокира комплетно рампата, или деловите кои се предвидени за тоалети за луѓе со попреченост, се користени како остава за работи кои не знаеле каде да ги стават. Не е дека не се трудат луѓето да ја направаат пристапноста посоодветна, но некогаш и од наша немарност, не се согледува важноста на тоа и се прават вакви грешки“, вели тој.

Изминатиов период тие водеа и кампања на социјалните мрежи каде една од пораките кои беа упатени до угостителски и државни објекти гласеше „Бидете достапни за сите“. Во наредниот период се надеваат дека овој проект ќе се прошири и во објекти кои се надвор од Скопје.

Е.П.