Илон Маск ја именуваше Линда Јакарино за нова директорка на Твитер

Само шест месеци по неговото контроверзно преземање на социјалната мрежа Твитер, Илон Маск именуваше нов извршен директор.

Милијардерот изјавил дека Линда Јакарино, поранешна шефица за реклами во „NBCUniversal“ (Ен-Би-Си Универзал) ќе надгледува деловните операции на платформата што, како што рекол, се бори да заработи пари. Според изјавата на Маск, кој на Твитер напиша дека тој сепак ќе остане на позицијата извршен претседател и шеф на технологијата, Јакарино ќе започне со работа за шест недели.

Маск кој минатата година го купи Твитер за 44 милијарди долари одреден период беше под притисок да најде нов директор со цел да се посвети на неговите други бизниси меѓу кои се и производството на електричните автомобили Тесла и ракетната компанија „Спејс Икс“.

Јакарино ќе стане редок пример за жена на директорска позиција на голема технолошка фирма, со оглед на тоа што помалку од 10% од 500 американски големи компании имаат жена на главната раководна функција.

По дипломирањето на Пен Стејт, Јакарино работела Тарнер Ентертејмент 15 години пред да се вработи во Ен-Би-Си Универзал, каде била вклучена и во лансирањето на стриминг платформата. Во рамки на нејзината работа таму препознаена е од големи брендови по што наоѓала начини за пласирање на производите на компанијата и убедување на други фирми да ги рекламираат дури и во склоп на телевизиски шоуа како „Сексот и градот“. Покрај тоа има остварено односи и со новите медиуми како Епл Њуз, Снепчет и Јутјуб.