ИЈЗ: Намален бројот на новозаразени за 16% во споредба со минатата недела

Во периодот од 31 јануари до 6 февруари регистрирани се 9.982 нови позитивни случаи од 35 градови, а тоа претставува намалување од 16.2% во однос на минатата недела, односно 11.910 случаи, соопшти денеска Институтот за јавно здравје. Процентот на позитивност се движи од 22.5% до 35.6% или во просек 29.5 отсто.

Тестирани се вкупно 33.421 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 13,2% во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје – 5.300 случаи или 53 отсто, додека највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци – 1.069,1/100.000 лица.

„Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапени се возрасните групи на лица на возраст над 60г (n=2.455, 24,6%) и 30-39г (n=2.004, 20,1%). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9г (n=312; 3,1%). Се забележува намалување на бројот на заболени кај скоро сите возрасни групи, со најзабележително намалување од 23,9% кај возрасната група од 30-39г, додека зголемување се забележува кај возрасните групи од 0-9г со 21,4% и над 10-19г со 16,5% зголемување во однос на претходната недела“, стои во извештајот на ИЈЗ.

Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 1.340 реинфекции, со намалување за 14.0% во однос на претходната недела.

Пријавени се 147 смртни случаи во 24 градови во текот на изминатата недела, односно 0.7% помалку во однос на минатата недела.

„Најголем дел од нив се од Скопје (51). Во однос на возраста, најголем број (n=137; 93,2%) од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години, а регистрирани се починати лица и кај возрасната група од 50-59 години (7), 40-49 години (1) и 30-39 години (2)“, додаваат од ИЈЗ.

Согласно новиот алгоритам за оздравување, минатата недела оздравеле 11.122 лица во хоспитализирани услови или на домашно лекување.

Заклучно со 6 февруари, во земјава вакцинирани се вкупно 867.529 лица со барем една доза вакцина против Ковид-19 во државава и странство. Со две дози вакцинирани се вкупно 845.121 лица, а со трета доза се вакцинирани 132.488 лица.

Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со Ковид-19 за периодот од од 31.01 – до 06.02.2022г, како и кумулативната состојба со Ковид-19 во Република Северна Македонија се објавува на веб-страницата на Институтот за јавно здравје.