ИЈЗ: Бројот на смртни случаи од Ковид-19 намален за 56% во изминатата недела

Во периодот од 14 до 20 март, пријавени се 15 смртни случаи од Ковид-19 во 9 градови во земјава, односно за 55.9% помалку во однос на претходната недела кога починаа 34 лица, стои во новиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Најголем дел од нив се од Скопје, односно четири лица, а во однос на возраста, регистрирани се 13 починати од возрасната група над 60 години и по еден починат од возрасната група од 40 до 49 и 50 до 59 години.

Истовремено, регистрирани се 1.834 нови случаи на Ковид-19 во 32 градови, односно забележано е зголемување од 0.9% во однос на минатата недела. Процентот на позитивност пак се движи од 6.6% до 14.2% или во просек 11.4 отсто.

„Тестирани се вкупно 15.577 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 2.1% во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје – 1.076 или 58.7%, а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци – 198.2/100.000 и Скопје – 169.6/100.000“, стои во соопштението на ИЈЗ.

„Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години (n=451; 24,6%). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 години – 62 или 3.4%“, додаваат од ИЈЗ.

Во однос на претходната недела, регистрирано е зголемување на бројот на заболени кај возрасните групи од 0-49 години, со најзабележително зголемување од 19.5% во возрасната група од 40-49 години и 14.5% во возрасната група од 20-29 години. Кај возрасните групи над 50 години се забележува намалување во споредба со минатата недела, односно 12.3% помалку кај лицата на возраст од 50-59 и 10.7% кај лицата над 60 години.

Во текот на минатата недела со статус „оздравени“ се стекнале 1.772 лица во хоспитализирани услови или на домашно лекување или 26.2% помалку во споредба со минатата недела.

Изминатата недела вкупно биле пријавени 309 реинфекици, со зголемување 0д 15.7% во однос на претходната недела.