ИЈЗ: Намален бројот на новозаразени и починати од Ковид-19

Во периодот од 4 до 10 април, регистрирани се 1.106 нови позитивни случаи на Ковид-19, што е намалување од 31% во однос на минатата недела. Процентот на позитивност се движи од 2.4% до 10.6%, односно во просек 7.3%, покажува последниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје – 622 или 56.2%, а највисока неделна инциденца е регистрирана во Битола – 138.6 случаи на 100.000 граѓани, во Демир Капија – 132.4 случаи на 100.000 граѓани и во Ресен 132.2 случаи на 100.000 граѓани.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, а најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години, 328 случаи или 29.7 отсто. Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0 до 9 години – 45 случаи или 4.1 отсто. Во однос на претходната недела, се регистрира намалување кај сите возрасни групи, а најзабележително намалување во споредба со минатата недела се забележува кај возрасната група од 50 до 59 или 38.1 отсто.

Минатата недела вкупно се пријавени 175 реинфекции, со намалување од 36.1% во однос на претходната недела.

Регистрирани се 10 смртни случаи во 4 градови, што претставува намалување од 23.1% во однос на претходната недела кога починале 13 лица. Најголем дел од починатите се од Скопје – 6, а во однос на возраста, регистрирани се 9 починати лица над 60 години и едно починато лице од возрасната група од 50 до 59 години.

Во текот на минатата недела оздравеле 1.530 лица во хоспитализирани услови или на домашно лекување, односно 10.6% помалку во споредба со минатата недела.

Во Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика при, минатата недела е изведен ПЦР тест базиран на „Single Nucleotide polymorphism“ со користење на Vir SNiP SARS CoV 2 Spike S371L S373P за детекција на SARS CoV-2 кај 54 позитивни примероци на SARS-CoV-2 од болнички и примероци од пунктовите.

Позитивните примероците од тестирани позитивни од градовите Скопје, Кавадарци, Велес, Охрид и Гевгелија, покажале дека во 3 од испитуваните примероци е докажана BA.1 сублинијата на Омикрон. Во 51 испитан примерок пак, е докажана BA.2 сублинијата на Омикрон – позната и како „стелт“.

Целосниот извештај на Институтот за јавно здравје може да се прегледа на следниов ЛИНК.