Идејата за ролетни со соларни панели на средношколци од „Јосип Броз Тито“ во Скопје победи на Кампот на иновации

Тимот „Sun Rolls Systems” од средното училиште „Јосип Броз Тито“ од Скопје го освои првото место на Кампот на иновации – натпревар на средношколци во банкарски сектор.

Решението кое го понудија учениците се ролетни со соларни панели кои сончевата ја претвараат во електрична енергија и се користи во објектите кои имаат инсталирано вакви ролетни. Производот е „зелен“ и ја штити околината.

Кампот на иновации се одржа од 25 ноември до 9 декември 2020, во организација на Џуниор Ачивмент Македонија, a во соработка со Шпаркасе банка и Бизнис Академија Смилевски Скопје.

Второто место му припадна на тимот од СОУ,,Кузман Јосифовски Питу“ Прилеп – „Thropical Threads“, чија бизниз идеја беше производство и продажба на облека од бамбус и алое вера материјал. Третото место го освои тимот од СОУ „Гостивар“ – „IVY-eco“ за производство и продажба на фиксиран вентилатор во кој е вграден уред за прочистување на воздухот наменет за домакинства. Нивниот производ ќе го прочистува воздухот и ќе го замени проветрувањето во просториите каде што е поставен.

Во натпреварот учествуваа 10 средни училишта од девет града, а се натпреваруваа 109 средношколци и нивните ментори-наставници од Скопје, Гостивар, Крушево, Виница, Охрид, Прилеп, Берово, Гевгелија и Куманово. 14 бизнис волонтери помогнаа за подобра тимска работа и постигнување подобри резултати на натпреварот.

Учениците имаа можност преку низа тимски активности, користејќи ги сите придобивки од технологијата да ја покажат својата креативност, иновативност и знаење во областа на претприемништвото пред пет членото жири.

„Она што го направивте во вакво неизвесно време, и фактот што во вакви услови се охрабривте надвор од часовите да работите на вакви одлични проекти, е инспирација за сите нас. Земјата има многу паметни деца кои треба да добијат шанса дома, а наша цел како Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) е да ги поддржиме и дадеме можност таа шанса да ја остварат. Овие ученички проекти може да бидат почеток на вашиот иден бизнис кој ќе прерасне во некој локален производ или услуга“, им порача директорот на Фонд за иновации и технолошки развој, Коста Петров.

Заменик министерот за образование и наука, Арафат Шабани, пак, потенцираше дека претприемничките вештини се најпотребни за личен успех и просперитет и обезбедуваат брз настап на пазарот, добивање на работно место, но и за креирање и реализација на сопствена бизнис идеја.

„Големиот број на заинтересирани ученици за ваков тип на натпревари, не охрабрува да продолжиме во инвестирање во образованието на младите. И покрај тоа што натпреварот се одвиваше по виртуелен пат, кампот претставува место каде учениците можат да научат нови корисни вештини за тимска работа и презентација и да ги зајакнат своите компетенци и вештини за да бидат конкурентни на современиот пазар на труд”, надополни извршниот директор на Џуниор Ачивмент Македонија, Љупка Панчевска.

Натпреварот е дел од Проектот за Поддршка на претприемничко образование во Европа и Евроазија, поддржан од УСАИД и ФИТР.