И професори на Институтот за национална историја се спротиставуваат на новата Концепција за основно образование

Професори на Институтот за национална историја, поранешни директори, но и професори во пензија денеска преку соопштение до јавноста го изразија својот „категоричен став на неприфаќање на предложениот модел на системско реформирање на основното образование“, и додаваат дека тоа го базираат на повеќе суштински и концептуални факти.

Оттаму тврдат дека тие, но и другите сродни научни и високообразовни институции и МАНУ, воопшто не биле консултирани при подготовката на концепцијата.

„Како најстара научна институција во државата, Институтот е директно повикан да го изрази својот став во случаи кога непосредно се засегнува процесот на изучување на историјата на македонскиот народ и нација, во било кој сегмент на образовниот систем на национално ниво. Предметот историја е воведен во македонскиот образовен систем со самото формирање на македонската држава, како израз на генерациските заложби на македонските интелектуалци за самостојно изучување на сопствената историја, кои се вградени во одлуките на АСНОМ. Оттаму, предметот историја претставувал, претставува и ќе претставува фундамент на образовниот систем на македонската држава, преку кој се гради идентитетот на учениците, а преку тоа и свеста за припадноста кон нацијата, како и почитта кон другите народи и култури.

Предметот историја се изучува како посебен предмет во националните наставни програми на балканските земји, како и во најголем дел од европските земји – членки на ЕУ. Од Бугарија, преку Грција, Србија, Албанија, Косово, БиХ, Хрватска, Словенија, до Британија и Финска, како и многу други европски земји, значењето на изучувањето на предметот историја недвосмислено се посочува како суштинско за осознавањето на идентитетот и градењето на нацијата“, стои во нивното соопштение.

Истовремено, тие потенцираат дека имајќи го предвид фактот дека, како што велат, историјата на македонскиот народ и нација е директно оспорена од соседите, додека интеграцијата на државата во ЕУ е условена со целосна ревизија на националната историја, е недозволиво да престанат да важат учебниците по историја во основното образование.

„Подготовката на вакви суштински реформи во образовниот систем, кои директно задираат во концептуалното и системското изучување на историјата на национално ниво е невозможна без претходни темелни компаративни анализи со националните наставни програми во балкански контекст. Истите, пак, јасно покажуваат дека балканските земји, вклучително и земјите членки на ЕУ, го изучуваат предметот историја како фундамент во осознавањето и градењето на идентитетот на нацијата. Македонската држава не смее да биде исклучок и да експериментира со сопствената национална историја. За суштински и концептуални реформи во образовниот систем се потребни темелни анализи и консултации со научната и академската фела, како и постигнување институционален и национален консензус. Меѓутоа, тоа не смее да биде за сметка на предметот историја, кој самиот по себе има интердисциплинарен карактер“, децидни се тие.

Во заедничкиот став, тие бараат од Министерството за образование и наука да го повлечат Концептот за осново образование, додавајќи, како тие веруваат дека тоа „заеднички национален интерес на сите граѓани“.

Ставот го поддржале:

проф.д-р Маја Ангеловска-Панова
проф.д-р Новица Велјановски
проф.д-р Вера Гошева
проф.д-р Лилјана Гушевска
доц.д-р Наташа Диденко
проф.д-р Марјан Димитријевски
проф.д-р Јован Донев
проф.д-р Драган Ѓалевски
проф.д-р Лидија Ѓурковска
проф.д-р Ленина Жила
проф.д-р Влатко Јанев
проф.д-р Билјана Јосифовска-Ристовска
проф.д-р Катица Јосифовска
проф.д-р Васил Јотевски
проф.д-р Нада Јурукова
проф.д-р Наташа Котлар-Трајкова
проф.д-р Ѓорѓи Малковски
проф.д-р Катерина Младеновска
проф.д-р Александар Манојловски
проф.д-р Стефан Влахов Мицов
проф.д-р Митко Б. Панов
проф.д-р Драгица Поповска
проф.д-р Невен Радичевски
проф.д-р Силвана Сидоровска-Чуповска
проф.д-р Александар Симоновски
проф.д-р Катерина Тодороска
проф.д-р Александар Трајановски
проф.д-р Габриела Топузовска
проф.д-р Ѓорѓи Чакарјаневски
проф.д-р Тодор Чепреганов
проф.д-р Теон Џинго