Хрватските блогери месечно заработуваат до 750 евра

Денес на конференцијата „Диаблог“ беа презентирани резултатите од студија за состојбата на хрватската блогерска сцена која во октомври оваа година ја спроведе агенцијата „Дијалог комуникација“. Во истражувањето учествувале 171 активни блогери. Најголем дел од испитаниците се жени (90,6%) кои живеат во централна Хрватска, имаат помеѓу 25 и 35 години и се со високо образование (42,7%).

Иако својот блог се уште го сметаат за хоби, во споредба со минатата година, се зголемил бројот на блогери кои заработуваат од тоа, а повеќето се присутни на Фејсбук и Инстаграм, чија употреба е во пораст. Иако видеото, како и минатата година, беше нагласено како тренд, повеќето блогери сè уште не се занимаваат со видео продукција. Повеќето од нив месечно заработуваат помеѓу 3.500 и 5.500 куни (од 450 до 750 евра).

Испитаниците навеле дека пишуваат блогови помеѓу три и пет години (36,6%) и дека објавуваат месечно два до три блог постови (42,1%). Најзастапени категории се убавина (31%), храна (17%), мода (10,5%) и патување (6,4%).

Голем дел од блогерите работат со брендови (77,8%), а соработката вклучува компензација во пари или производ / стока / услуги.

Како топ трендови ги истакнаа стримањето во живо, видеото и „стори“ на Инстаграм. На брендовите им беше кажано дека се очекува поплатена соработка, поголема почит за блогерската професија и да бидат поотворени кон нови соработки и нови идеи.