Хиџабот станува дел од униформата на канадската полиција

Муслиманките кои служат за Кралската канадска коњичка полиција, добија дозвола да носат хиџаб. Со ова се охрабрува разновидноста во редовите на т.н. коњаници, кои носат униформа што датира од 1800-тите и досега вклучуваше носење на препознатливата коњичка шапка, соопшти владата.

Облеката, по која лесно се разликуваат овие полицајци од другите единици, се смета од многумина Канаѓани и како симбол на патриотскиот идентитет. Иако членовите на оваа полициска единица биле информирани за новата политика на почетокот на годинава, новините официјално беа откриени од страна на владата во Отава во текот на оваа недела.

На ваквата политика се гледа како начин Канада да заземе став против исламофобијата, со што се издвојува од другите земји кои оневозможуваат на муслиманските членови на заедницата да прават свој избор за тоа каков вид облека ќе носат во разни околности.

Слична политика деновиве беше воведена и во Шкотска, каде им се дозволи на полицајките муслиманки да носат марама како дел од униформата.