Хамбург воведува зони каде се забрануваат дизел возилата

Во германскиот град Хамбург неделава беа поставени знаци на улиците со кои се предупредуваат возачите дека влегуваат во зони каде има ограничување за движењето на дизел- возилата. Забраните се воведени на две сообраќајници во градот, откако во февруари судот пресече дека германските градови мора да воведат строги забрани во борбата против загадувањето на воздухот.

Речиси веднаш по пресудата, пристанишниот град стана првиот кој објави дека од април ќе воведува забрани за дизел возила на дел од патиштата. Деновиве беа поставени и знаци кои ги предупредуваат луѓето дека наидуваат на зони во кои се забранети дизел моторите, како и во кој правец овие возила ќе можат да продолжат.

Забраната на едната сообраќајница се однесува и на сите возила што не ги исполнуваат Еуро 6 стандардите за емисии на гасови, додека забраната на втората делница важи само за камионите. Забраната нема да важи за жители на реоните и нивните посетители, како и за амбулантни возила, камиони за ѓубре и возила за достава.

Сепак, забраната официјално не се применува, а точниот датум сè уште не е наведен, објавува Шпигел онлајн.  Министерството за животна средина и енергија во Хамбург очекува забраната да почне да важи за две недели. Возачите кои нема да ги почитуваат новите правила може да очекуваат казни од 25 евра за автомобили и 75 евра за камиони.

Засега нема планови за понатамошни забрани за дизел возила во Хамбург, посочуваат од Министерството. Но, кога забраната официјално ќе стапи во сила, ова ќе биде првиот германски град кој ги спроведува забраните за возење дизели, пример што ќе го следат и другите градови, како Штутгарт и Дизелдорф каде се бараат итни мерки за контрола на аерозагадувањето.