Греми 2024: Тејлор Свифт влезе во историјата откако по четврти пат доби награда за најдобар албум

Тејлор Свифт на овогодинешните „Греми 2024“ стана првата артистка која по четврти пат ја освојува наградата за најдобар албум на годината со „Midnights“.

Пред да ја добие оваа награда, Свифт имаше три победи за најдобри албуми и беше изедначена со Стиви Вондер, Пол Сајмон и Френк Синатра.

Гремито ѝ го врачи Селин Дион, која се појави неочекувано поради здравственaта состојба со кои се соочува, известува Би-Би-Си Њуз.

„Знам дека начинот на кој гласаше Академијата за снимање е директен одраз на страста на фановите. Затоа, сакам да им се заблагодарам на обожавателите со тоа што ќе им кажам една тајна што ја чувам во последните две години, а тоа е дека мојот сосема нов албум излегува на 19 април. Се вика ‘The Tortured Poets Department’. Ќе одам да го објавам омотот веднаш. Ви благодарам, ве сакам!“, го заврши Свифт својот најзначаен говор до сега.

Фото: Твитерот на Тејлор Свифт

Жените издоминираа оваа година на шоуто во Лос Анџелес и ги однесоа најголемите награди – Мајли Сајрус за рекорд на годината со „Flowers“, Били Ајлиш за песна на годината со „What Was I Made For?“ и Викториа Монет за најдобар нов артист.

Исто така, ритам и блуз ѕвездата СЗА и целосно женската инди супергрупа „Boygenius“ добија повеќе награди, а музичките икони Трејси Чепмен и Џони Мичел имаа ретки и потресни изведби.

Најдобар машки артист со три рап трофеи беше Мајкл Рендер, познат како „Killer Mike“, но неговото апсење неколку минути по примањето на наградите поради наводна физичка пресметка ги засени неговите успеси, пренесува Би-Би-Си.