Тејлор Свифт е личност на 2023 година според магазинот Тајм

Американската пејачка и текстописец Тејлор Свифт е прогласена за личност на годината според магазинот Тајм.

Покрај тоа што е позната поради својата музичка кариера и влијание во музичката индустрија, таа истовремено е една од најпознатите културни личности на 21-от век.

Во образложението на Тајм, од списанието велат дека признанието на 33-годишната Свифт ѝ припаѓа поради „внесување радост на општество на кое такво нешто очајно му е потребно“.

„Секоја година содржи светлина и темнина. 2023 беше година со голем дел темнина. Во поделен свет, каде премногу институции пропаѓаат, Тејлор Свифт најде начин да ги премине границите и да биде извор на светлина. Никој друг на Планетата денес не може толку добро емотивно да погоди толку многу луѓе. Остварувањето на ваков успех е нешто што често го припишуваме на судбините или на распоредот на планетите, но давањето премногу влијание на ѕвездите ја игнорира нејзината вештина и нејзината моќ“, стои во текстот на Тајм.

Ѕвездата чија последна турнеја „Eras“ ги сруши сите рекорди за продажба на билети, ја доби оваа престижна титула која претходно ја имаат добиено и личности како Барак Обама, Грета Тунберг или Володимир Зеленски.

Во текстот посветен на Свифт се додава дека оваа година светски лидери и градоначалници се натпреварувале со цел да ја донесат нејзината многу успешна турнеја во нивните држави и градови.