[Интерјву] Филип Димевски: Нѐ радува што во „АртАреа/Артерија“ се вклучуваат и најмладите во културата

Фестивалот на културно и уметничко творење „АртАреа/Артерија“ во своето седмо издание ќе биде достапен за публиката од 15 до 17 септември на две локации – Младинскиот културен центар во Скопје и кафе-книжарницата „Буква“.

Во пресрет на бројните настани во програмата на фестивалот со организаторот на последните неколку изданија, Филип Димевски, од издавачката куќа „Бегемот“ разговаравме за почетоците, институционалната поддршка, годинешната програма посветена на Скопје, културата преку фестивалите во Македонија, а го спомнуваме и интересот за стрипот кај нас и (нај)младата книжевна сцена.

Ова е седмо издание на фестивалот кој промовира култура и уметност во различни полиња на творење. Како се развиваше овој мултимедијален фестивал низ годините? Како е прифатен од публиката, има ли разлика од издание до издание?

Фестивалот се развиваше спонтано, флуидно, честопати на самото место. А тргна од чист ентузијазам. На почетокот фестивалот траеше три дена од утро до полноќ. Имајќи предвид дека учествуваа и ракотворци и поголем број издавачи, фестивалската програма опфаќаше и мал саем на книги и разни видови рачни изработки. Сите тие луѓе дадоа свој придонес во изгледот и во програмата на фестивалот. Освен саемскиот дел, костурот на главната програма остана ист, по три настани секој ден почнувајќи од 19 ч. Одлучивме да го задржиме овој формат низ следните години. Но, едно нешто ги поврзува сите фестивалски години, а тоа е разновидноста на темите што секоја година ни се во фокус, кои се движеа од книжевноста, театарот, прозата, поезијата, фолклористиката, видеопродукцијата, анимацијата, стрипот… па еве оваа година до градот Скопје. Така, самата шаренолика програма засегна голем број луѓе од разни културни зони, па особено ни е драго што фестивалот редовно го проследува публика од најразлична провиниенција во сѐ поголем број, од луѓе со стожерен статус во нашата култура општо, до културотворци од најмладите генерации, што особено нѐ радува и искрено се надеваме на што поголема вклученост на младите.

Овогодишното издание ќе биде во знак на 60-годишнината од Скопскиот земјотрес. Во текот на годинава имаше повеќе манифестации, настани, изложби посветени на годишнината од Земјотресот, што може да очекуваме на програмата на „АртАреа/Артерија 7“?

Да, оваа година решивме фестивалот да го посветиме на Скопје, од очигледни причини, но и програмски го осмисливме така што ќе ја одбележи годишнината на земјотресот. Програмата главно гравитира околу градот Скопје, па така имаме тридневна (15-17 септември) изложба во Галеријата на МКЦ посветена само на Скопје. Се работи за поставка на урбанистички планови околу обновата и изградбата на Скопје, стари поштенски разгледници од Скопје, досега неприкажани слајдови од приватната колекција на Адолф Циборовски, урбанистот на Скопје, презентација и оригинални книги со урбанистички цртежи што се однесуваат на Скопје. Потоа, ни гостува полската авторка Кинга Нетман-Мултановска, која неодамна ја објави книгата „Варшава го исцртува Скопје“, а летово беше објавена и на македонски јазик од Бегемот. Имаме и настан „Поетите за Скопје“, во организација на младинското здружение Култура Бета, каде што ќе имаат поетско читање повеќе поети што имаат пишувано за Скопје. Тука е и промоцијата на стрипот „Скопје за почетници, добро упатени и понављачи бр.3“ од Ѓорѓе Јовановиќ и Иван Шопов, но и другите настани на некој начин исто се поврзани со Скопје. Се надевам дека фестивалот ќе има микроклима.

Досега најавивте дека ќе има пет книжевни промоции од три македонски и два странски автори. Дали во нив се застапени имиња и од (нај)младата македонска книжевна сцена? Каква е помладата генерација на автори што полека се појавува на сцената? Постои ли хиперпродукција или македонската книжевност се раѓа во нов збор?

Годинава некако се погоди во прозниот дел да учествуваат повеќе искусни автори, но затоа, пак, ќе имаме можност да слушнеме песни од неколку (нај)млади автори на поетскиот настан. Да не заборавиме, имаме изложба на фотографии од исклучително млада авторка, Андријана Антова, чија изложба ќе се одвива во „Буква“ од 15-17 септември. Исто така, во музичкиот блок ќе имаме млад и исклучително талентиран џез-состав, овој пат во трио-комбинација на Филип Букршлиев, Благојче Томевски и Нинослав Спировски. Така, младите оваа година се застапени повеќе преку другите медиуми.

Македонската книжевност мислам дека се роди „во нов збор“, односно се роди нова поетика, некаде пред десетина-петнаесет години. Таа генерација веќе го достигнува својот зрел израз и продолжува да дава одлични дела. Видлив е и „најнов бран“ во книжевноста, главно во поезијата, кој исто така има голем потенцијал и сигурен сум дека наскоро ќе го оправда. Но, склон сум да се согласам и дека постои хиперпродукција. Во секој случај, не мислам дека тоа е проблем на писателите, се разбира, за нив е исклучително важно да творат што повеќе и да го усовршуваат својот израз, туку проблемот го гледам кај издавачите. Одлично е да се има избор, но тој избор и треба да се направи според одредени критериуми, треба да се селектира што да се објавува. Според мене, мечкина услуга е да му се објави дело на автор ако објективно не е подготвено за издавање, тоа е лошо и за авторот и за издавачот. Но, најважно е што има млади луѓе што пишуваат и се охрабруваат да им ги понудат своите ракописи на издавачите.

Во описот за минатогодишното издание стои дека „Фестивалот ја пресретнува јасната општествена потреба за формирање и одржување зони на пресек на различните културно-уметнички полиња“. Овој пат фестивалот ќе се одржува на две локации, кафе-книжарницата „Буква“ и Младинскиот културен центар. Каква е соработката со институциите кога треба да се организира настан/фестивал во областа на културата?

Соработката со институциите е варијабилна. Имаме и одлични искуства, но и лоши. „Буква“ е наше матично место, така да речеме, и секогаш соработката со нив е беспрекорна. Но, „Буква“ не е институција во вистинската смисла на зборот, бидејќи е приватен субјект. Потешко оди со вистинските, односно државни или градски институции. МКЦ е една од ретките градски институции што е секогаш отворена за соработка со сите културни фактори во градот, и тоа е навистина за пофалба и имам само убави зборови за таа институција. Сепак, за жал, во моментов МКЦ поминува низ многу тежок период и тоа од најбанални причини – политика! Тие се жртви на некакви апсурдни политички игри и од институција што е гордост на сите скопјани, за жал може да заврши како еден огромен срам на политиката. Никогаш не успеав да сфатам зошто само не ја остават институцијата да работи како што знае, само толку. Нејсе. Споменав и за лоши искуства. За жал, таквите се почести, еве пред некој ден замоливме за соработка од заеднички интерес (изложба за Скопје) една од најзначајните градски институции, но не само што бевме одбиени, туку тоа беше и на низок, да не речам дрзок начин од луѓе со раководни функции во институцијата. Нејсе, не е ништо чудно во нашиов простор да се сретнат луѓе што ни најмалку не ја заслужиле функцијата што ја исполнуваат.

Дали има потреба од повеќе фестивали што ја афирмираат културата, креирањето и особено книжевноста, со оглед на тоа што речиси и нема фестивали посветени на прозната литературна форма?

Секако, секогаш е добродојдена поголема понуда на разни културни настани, особено такви што внесуваат свежина и креативност во програмата, но мислам дека има голема потреба и да се унапредуваат овие постојните. Веќе скоро секоја гранка на културата е опфатена најмалку со еден фестивал, оние визуелните и со голем број фестивали. Верувам дека мора да се насочиме на подобра и посигурна јавно-приватна соработка. Односно, подобра институционална покриеност на фестивалите, државна стратегија што ќе се базира на професионализација на културата, а не насочена само на квантитет. Идејата е таа стратегија да генерира културни работници што ќе може да живеат од културата и да бидат посветени само на културата, така ќе достигнеме поголеми резултати. Досегашната државна стратегија е квантитетот пред квалитетот, од разбирливи причини. Но, таа стратегија не води кон унапредување на понудата. Се разбира, од витално значење е да се појавуваат нови фестивали од разни области, но и повеќе да се внимава на унапредувањето на она што досега оставило убав белег во културата. Инаку, не би се согласил дека нема фестивали посветени на прозната литературна форма, во моментов ми доаѓаат на ум најмалку три, меѓу кои и „АртАреа/Артерија“, која сепак во поголема мера ја третира прозата, а имаше и две-три изданија посветени на кратката фикција.

Во најавата пишува дека ќе има и промоција на стрип. Неодамна во МКЦ се случи првиот стрип фестивал, „Стрип Трип“. Колку се креира во полето на стрипот во Македонија и колкава е видливоста, интересот
за стрипови кај нас?

Во последно време сѐ почесто сме сведоци на појавување на стрип-автори, цртачи, сценаристи, нивното присуство е сѐ поголемо, што укажува и на зголемениот интерес за стрипот. Сѐ повеќе се работи и на промоцијата на стрипот во Македонија, веќе се појавуваат и нови (и покрај постарите) теоретичари и хроничари на стрипот, кои даваат капитален придонес во оваа сфера и со објавени трудови за стрипот. „Бегемот“ досега ретко имаше можност да работи на полето на стрипот, да речам, тоа не му е примарната дејност, но кога и да се пружело прилика, со задоволство сме се ангажирале околу тоа. Имавме и едно издание на АртАреа фокусирано на стрипот. Сепак, на ова поле не се сметаме за компетентни за да даваме некој подетален увид.

Фестивалот низ годините се одржува во Скопје. Дали сте размислувале да проширување и низ другите градови?

Фестивалот се одржува во Скопје од причина што Бегемот е скопска издавачка куќа и дејноста ѝ е во Скопје. Не сме размислувале за проширување, но тоа би било супер идеја, еве може ова да биде поттик за
креативците од другите градови да соработуваме на некое идно „гостинско“ издание, зошто да не. Секако, во соработка со локални културни работници со задоволство би организирале фестивалска програма и во другите градови низ Македонија.

Целосната програма за фестивалот е достапна овде.

Ангела Бошкоска