[Интервју] „Спознавање“: Не сакаме списанието да стане место на реклами, туку целиот простор да им се отстапи на уметниците

Дигиталната платформа „Спознавање“ чија цел е промоција на младите уметници неодамна го објави првиот број од печатеното издание. Зад неа стојат ентузијастите Дарко Беровски и АнаМарија Мишачковска кои ова катче го претставуваат како место каде младите можат да ги изложат своите нови креативни парчиња.

Поттикот, како што за Радио МОФ открива Беровски, го пронашол во желбата за формирање ваков простор за уметници во реалноста, кој претходно, како што рече, постоел само апстрактно.

„Работев со музичари, и цело време листав по дигитални списанија. На Музичкиот регистар најдов премногу артисти на кои сметам дека им треба промоција која ја заслужуваат. Почнав да им пишувам на артисти и беа заинтересирани, но сè уште немав ништо започнато. Сепак, кога ја видов заинтересираноста морав да започнам“, раскажува Беровски.

„Спознавање“ што според него како име е добар темел на самото значење на проектот најпрво се појави во дигитална форма, а пред еден месец ја доживеа промоцијата на првото печатено издание што воедно беше и првиот настан организиран од оваа културна иницијатива.

„Првото интервју беше со ‘Local Bluе’ и Панде кој е таму басист. Топ си поминавме и тоа беше мотивација да продолжиме и да се развиваме. Полека се вклучуваа уште луѓе“, вели Беровски.

На самиот почеток биле само тој и еден фотограф со кој ги правеле интервјуата, а соработката со АнаМарија со која се познаваат од мали, дошла случајно низ еден кафе муабет.

Таа стои зад графичкиот дел на списанието. Раскажува дека прво на памет ѝ паднале одредени бои и едноставно експериментирала по што, ја добила, како што рече, најубавата можна комбинација.

„Тргнавме од сопствената, но повеќе од општата потреба на младите да ги пронајдат овие уметници кај нас. Истакнатите артистите се движат во комерцијалните води на музиката, па целиме кон другите, оние на кои им е интересно да творат музика и не се интересираат многу за маркетинг“, велат ентузијастите позади „Спознавање“.

Засега финансиски се’ уште не се потковани, но, како што велат не е важно се’ додека се прави нешто што се сака. Всушност, на првите страници од печатеното издание, авторите се надеваат дека „буџетот не е единствената мотивација на сите уметници“.

„Убава енергија, музика и убаво време, нови луѓе и познанства. Тоа е тоа. Не сакаме ‘Спознавање’ да стане списание на реклами и спонзори, туку целиот простор да им е отстапен на уметниците“, смета АнаМарија.

Беровски го сподели својот несекојдневен пристап кон интервјуата со музичарите. Објаснува дека не ги интервјуира музичарите кога објавуваат нешто ново, туку суштината ја бара во она што тие го прават постојано, процесот на креирање и создавање покрај редовните работни обврски.

„Како стигаат до причина и последица. Како на моменти си велеле дека е доста со музика, дека треба да си најдат работа, и како тој момент го победиле. Со тоа ја добиваме целата скулптура на артистот, целосната слика за него, а не само скицата“, забележа тој.

На дигиталната платформа може да се најдат интервјуа и со уметници од Италија, САД и Франција. За печатената форма повеќе се фокусираат кон локалните македонските уметници бидејќи, како што велат, тоа е уметноста која сакаат да се прошири и надвор од границите на земјава.

На промоцијата на првото издание во Младинскиот културен центар се сретнале со дечките од „Бруталиск“ – уште едно катче за уметници во Скопје со кои се здружиле и со кои во иднина преку настани и дружби планираат да го растат културното никулче.

„Сите кои сакаат да се дел од платформата може слободно да не’ контактираат на социјалните мрежи“, порача за крај Беровски.

Годишно планираат да има 4 броја, а следниот број на списанието „Спознавање“ излегува кон крајот на август со страници полни нови уметнички имиња. Првиот број на списанието може да се купи во Скопје во „Игралиште“, „Бруталиск“, МКЦ, „Шортбас“, „Котур“ или во Битола во „Солак Галери“.

Ангела Иваноска 

*Овој производ е изработен во рамки на програмата за менторирање на млади новинари, како дел од проектот Fostering Youth activism through online media.