Граѓаните на Аеродром бараат да учествуваат во одлуките за нивната населба

Општина Аеродром и нејзините советници да работат транспарентно и одговорно, а граѓаните да учествуваат во одлучувањето за градење во нивната населба, се барањата кои ги изнесе граѓанската иницијатива „Сакаме Аеродром да дише“ на прес конференција одржана денес кај Мајчин дом.

„Општина Аеродром има обврска и мора да има слух за барањата на своите жители, кои јасно и гласно кажаа не на изградбата на нови згради. Со тоа се изгуби душата на населбата и се оневозможи нормален живот“, вели Искра Манојлоска, жителка на Општина Аеродром.

Граѓаните бараат да присуствуваат на седниците на советот на кои ќе се изработува и ревидира новиот ДУП, како и да бидат вклучени и консултурани при носењето на сите точки од Деталниот урбанистички план. Освен тоа, тие побараа да се заврши изградбата на веќе започнатите објекти и целосно да се стопира изградбата на нови.

Од граѓанската иницијатива потсетуваат дека Аеродром изминатата зима достигна рекордна загаденост на воздухот и дека стравуваат дека доколку се изградат нови згради и дополнително се урбанизира наслебата, состојбата уште повеќе ќе се влоши.

„Факт е дека Аеродром е најзагадената општина во Скопје. Ова загадување, во најголем дел, се должи на градежната експанзија. Но, властите ја игнорираат реалноста и дополнително ја влошуваат алармантната ситуација преку непланското градење. Наместо зачувување на веќе постоечките зелени површини и создавање на нови, локалната самоуправа го одобрува нивното уништување со градежната експанзија“, велат од „Сакаме Аеродром да дише“.

До надлежните во општината порачуваат дека ќе продолжат да ги бранат своите интереси додека не се исполнат нивните барања. Во спротивно, велат, ќе ги употребат сите демократски средства за да го изразат својот став и револт.

С.Т.