Град Скопје: На 21 септември донесовме решение против терасата на „Аманет“

Во врска со постапката за отстранување на терасата на гостилница „Аманет“, Град Скопје информира дека на 21 септември донел решение за поништување на Одобрението за поставување урбана опрема пред „барокната“ зграда „Емануел Чучков“.

Исто така, го поништил и Одобрението за вршење дејност надвор од деловен простор, издадено на барателот ДПТУ ПРИМЕС КО.ДООЕЛ СКОПЈЕ што ја држи „Аманет“ на улицата „Павел Шатев“ бр.2 во општина Центар.

„Решението е поништено согласно извршен инспекциски надзор од Инспекторат на Град Скопје на 26 август 2020 година, при што е констатирано дека правниот субјект ДПТУ ПРИМЕС КО.ДООЕЛ има поставено метална конструкција предвидена за платформа за поставување на урбана опрема која е прицврстена за плочникот со метална арматура. Воедно, во склоп на металната конструкција се заробени две канделабри, кои не се прикажани во елаборатот за поставување на урбана опрема“, соопштуваат од Град Скопје.

За ова решение, велат од Градот, веднаш биле известени надлежните служби во општина Центар за натамошно постапување.

Вчера, пак, од Општина Центар информираа дека терасата пред „барокната“ зграда е нелегална, а инвеститорот има три дена да ја отстрани.

Општина Центар: Нелегална е урбаната опрема пред „Гостилница Аманет“, инвеститорот има три дена да ја отстрани

Дивата конструкција „никна“ периодов, откако лани „Гостилница Аманет“ се смести во „барокната“ палата, зграда што е дел од проектот „Скопје 2014“, со вредност од близу 8 милиони евра, според идејно решение на Жарко Чаушевски.

Во неа се сместени Државниот завод за ревизија, вработените од Геолошкиот завод, како и кадар на Акционерското друштво за стопанисување со станбен и со деловен простор (АДСДП). Токму АДСДП ја менаџира државната зграда и лани го издадоа под наем просторот на приземјето за „Аманет“.

Б.Ш.