Општина Центар: Нелегална е урбаната опрема пред „Гостилница Аманет“, инвеститорот има три дена да ја отстрани

Инвеститорот ДПТУ ПРИМЕС КО. ДООЕЛ Скопје нелегално ја поставил урбана опрема пред деловниот простор на „Гостилница Аманет“ кај „барокната“ палата „Емануел Чучков“, утврдил овластен градежен инспектор на Општина Центар.

Од општината велат дека нивниот инспектор, постапувајќи по службена должност, извршил увид и констатирал дека инвеститорот нема решение за челичната конструкција обложена со стакло со димензии 10 на 11 метри.

Оттука, додаваат од Центар, градежен инспектор донел Решение, со кое му се наредува на инвеститорот во рок од три дена да ја отстрани градбата.

Фото: Општина Центар

„Во овој случај изјавена жалба против првостепеното решение со кое се наредува отстранување на наведените градби не го одлага извршувањето на решението согласно член 137 став 4 од Законот за градење. Општина Центар нема да дозволи нелегално поставување на градби и урбана опрема со што се оневозможува слободно движење по тротоарите и одвивање на сообраќајот“, соопштуваат општинарите.

Инаку, деновиве се појавија реакции во јавноста за челичната застаклена конструкција, откако уште лани во „барокната“ палата се смести „Гостилница Аманет“.

Зградата е градена како дел од проектот „Скопје 2014“, со вредност од близу 8 милиони евра, според идејно решение на Жарко Чаушевски.

Во оваа зграда функционира Државниот завод за ревизија, заедно со вработените од Геолошкиот завод, врз чии поранешни бараки се изгради „барокот“, како и со кадар на Акционерското друштво за стопанисување со станбен и со деловен простор (АДСДП).

Фото: Build.mk

Со зградата менаџира токму државната АДСДП, од каде уште лани за „Независен“ потврдија дека тие го издале под наем просторот на приземјето. Оттаму објаснија и дека „нивна задача е да стопанисуваат со државниот имот најрационално што можат, овозможувајќи прилив на средства во буџетот“.

„Според процедурата, најпрво организираме електронски аукции, на кои воопшто не се знае кој учествува бидејќи наддавачите имаа само шифри со цел да нема местенки и протекции. Претходно наши тимови вршат проценка на цената на локалот што го издаваме. Тоа зависи од местоположбата, дали има излог… За конкретниот објект што се наоѓа на приземјето во палатата ‘Емануел Чучков’, со големина од 186 квадратни метри, побаравме месечна кирија од 63.528 денари. На 29 јануари годинава беше реализирана електронската аукција, која е под ингеренции на Министерството за транспорт и врски, при што се јави само еден купувач. Тој беше избран за кираџија со понуда од 44.470 денари. Според законот, бидејќи станува збор за прва објава, странката може да го симне бараниот износ за една третина. Притоа, кога почнува аукцијата, доколку не се јави никој, бараната сума се намалува како што минува предвиденото време. Победникот, фирма од Прилеп, го доби објектот во владение на пет години“, информираа од АДСДП ланскиот октомври.

Бојан Шашевски