Горат „белите дробови“ на светот – рекорден број пожари во Амазон

Амазонската шума гори со недели. Интензивниот чад, видлив и од вселената, го покри Сао Паоло и уште неколку други градови во понеделникот.

Претходно овој месец, Амазонас (најголемата држава во Бразил) прогласи вонредна состојба поради зголемениот број на шумски пожари. Сезоната на пожари во Амазон штотуку почнува. Трае од август до октомври, а нејзината кулминација е во средината на септември.

Минатата недела НАСА објави слики од сателит на кои се прикажуваат пожарите и чадот во Бразил. Цитирајќи ја базата на податоци за глобална емисија на пожари, НАСА истакна дека иако сегашното ниво на пожар е малку под просекот во однос на последните 15 години, тие се повисоки во некои држави.

Пожарите на Амазон ослободуваат во просек 500-600 метрички тони јаглерод диоксид во текот на една вообичаена година. Во 2019 година досега, тие веќе ослободија 200 метрички тони стакленички гасови. Според Глобалната база на податоци за емисии на пожари, од понеделник се откриени 8.668 пожари во Амазонас.

Веста за овие пожари доаѓа среде извештаи за зголемено уништување на шумите, кое во државата поттикна протести и меѓународна загриженост. Додека чадот од пожарите го загрозува здравјето на оние што живеат во близина, тие претставуваат дополнителен стрес за амазонските дождовни шуми во целина.

Влажноста на Амазон во минатото ја заштитуваше од огромни пожари, но сушата, уништувањето на шумите и земјоделството би можеле да ги направат пожарите толку вообичаени што тие целосно би го смениле пејзажот, предупредува студија од 2014 година. Бразилскиот Национален институт за истражување на вселената предвидува дека врнежите од дожд во централниот и северниот дел на Амазон ќе бидат од 40 до 50 проценти под нормалата во наредните три месеци.

Амазонската дождовна шума се протега на околу 5.5 милиони километри квадратни во Јужна Америка, а поминува низ девет држави (Гвајана, Еквадор, Венецуела, Боливија, Бразил, Суринам, Француска Гвајана, Колумбија и Перу). Ја нарекуваат „белите дробови на светот“ бидејќи произведува 20 отсто од целиот кислород на Земјата.