Годинава 805 нови пријави за говор на омраза, делото сѐ уште не е прецизно регулирано

Говорот на омраза не е дефиниран во македонскиот правен систем. Нема засебна законска одредба преку која може тој да се регулира и не е именуван во Законот за спречување и заштита од дискриминација, се дел од главните поенти што беа истакнати на вчерашната конференција за говорот на омраза во Северна Македонија организирана од Хелсиншкиот комитет за човекови права. 

Согласно податоците кои ги претстави Хелсиншкиот комитет, од јануари до септември оваа година добиле 805 пријави на говор на омраза. Организацијата во овој период поднела пет кривични пријави, од кои за четири сѐ уште нема одговор од надлежните, а една е отфрлена.

За справување со говорот на омраза приоритетно е да се донесе нова кривична-правна одредба во Кривичниот законик, да се изготви законска рамка за регулирање на ваквиот говор што се шири на интернет и тој да се именува во Законот за спречување и заштита од дискриминација како би можела Комисијата да постапува и за претставки за говор на омраза.

Овие препораки ги предложи професорката Елена Михајлова Стратилати која е авторка на Анализата за законската рамка за говорот на омраза во Северна Македонија што беше презентирана вчера.

Михајлова Стратилати смета дека иако говорот на омраза во земјава е инкриминиран со низа законски одредби, не е јасно инкриминиран како засебно кривично дело.

„Овие концептуални нејаснотии влијаат врз развојот на судската практика и отвораат простор за преголема дискреција на органите за примена на правото и има потенцијални злоупотреби“, рече професорката и посочи дека потребно е ублажување и на казните на оние кои вршат говор на омраза.

„На пример општо корисна работа доколку се исполнети условите или да се извршат барањата на лицата кои биле цел на говор на омраза или доброволна работа во невладини организации во областа на таргетираната идентитетска група. Вакви казни даваат поголем резултат, и притоа сторителите може да го сменат својот став“, истакна истражувачката.

На настанот учествуваше и јавниот обвинител Александар Маркоски кој ја презентираше Анализата за утврдување на институционалниот јаз во однос на регистрирањето и обработката на говорот на омраза во Северна Македонија.

Првиот дел од Анализата, како што рече Маркоски се однесува на опис на институциите кои се анализирани, додека вториот е посветен на говорот на омраза во дигиталниот простор. Според него постојат проблеми со говорот на омраза на интернет кои се решливи, но не целосно.

Како „среќен пример“ го посочи владиното тело кое регистрира говор на омраза против Бугарите, како дел од меѓуресурсната работна група на Владата составена за исполнување на договорот за добрососедство со Бугарија.

„Тоа е конкретно за Бугарија, но не би било на одмет малку и да се прошират надлежностите на ова владино тело со цел да ги регистрира и другите поими на говор на омраза, а не само спрема Бугарите“, рече тој.

Истакна дека невладиниот сектор и медиумите предничат во справување со говорот на омраза во однос на државните институции. Сепак, како што рече, тоа не е причина невладиниот сектор и државните установи да соработуваат.

„Да си остане можеби настрана и на дистанца, но со постојно опоменување на државните институции. Досега беше продуктивно и понатаму ќе си остане продуктивно“, рече јавниот обвинител. Според него нужно е да се организираат обуки за справување со говорот на омраза во кои ќе учествуваат новинари, пратеници, членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), Агенцијата за аудио и аудиовизуелни уметности и адвокати.

Принтскрин од делот со препораки на Анализата

На конференцијата присуствуваше и адвокатката Бојана Неткова која изложи компаративна анализа на законските рамки за говорот на омраза во државите од Западен Балкан, а се обрати и Весна Бендевска, член на КСЗД.

Бендевска појасни дека во Законот за спречување и заштита од дискриминација стои терминот вознемирувачки говор, а воопшто не е именуван говорот на омраза со што се ограничува делувањето на Комисијата.

„Вознемирувањето е форма на дискриминација и за да биде уште покомплицирана ситуацијата имаме уште еден закон, тоа е Закон за граѓанска одговорност навреда и клевета па доколку нема дискриминаторска основа, едноставно ако говорот или статусот што некој го напишал има намера да некого навреди и повреди или да изнесе некаква невистина. Како ние да постапуваме, кога има орган кој постапува штитејќи го поединецот или групата од навреда или повреда. И за да биде најголем проблемот, нашиот устав препознава четири или пет дискриминациски основи“, рече таа.

Бендевска истакна дека говорот на омраза е кривично дело и дека би било некоректно да го работи Комисијата која има надлежност да поднесува прекршочни постапки. Како што рече, со тоа самото дело – говор на омраза се сведува на пониско ниво.

„Казната тогаш ќе зависи од прекршочниот суд. Ним им требаа неколку месеци да сфатат кои сме ние што поднесуваме, и од што мака поднесуваме прекршочни постапки, верувајте. А, ние имаме обврска за поднесување барање на прекршочна одговорност по неисполнета препорака. Но, работите се менуваат лека полека“, рече за крај претставничката на КСЗД.

Ангела Бошкоска