Глобалната здравствена криза предизвикана од коронавирусот е завршена, соопшти СЗО

Светската здравствена организација (СЗО) објави дека коронавирусот повеќе не претставува „глобална вонредна состојба“. Најавата е голем чекор кон ставање крај на пандемијата и доаѓа три години откако СЗО првпат прогласи највисоко ниво на тревога за вирусот, јавува Радио Слободна Европа (РСЕ).

Официјалните лица рекоа дека стапката на смртност од вирусот паднала од врвот од повеќе од 100.000 луѓе на неделно ниво во јануари 2021 година на нешто повеќе од 3.500 луѓе заклучно со 24 април. Шефот на СЗО Тедрос Аданом Гебрехесус рече дека најмалку седум милиони луѓе починале за време на пандемијата.

Меѓутоа, тој рече дека вистинската бројка е „веројатно“ поблиску до 20 милиони смртни случаи, речиси три пати повеќе од официјалната проценка, и предупреди дека вирусот останува значајна закана.

„Вчера, Комитетот за вонредни ситуации се состана по 15-ти пат и ми препорача да прогласам крај на вонредната состојба во јавното здравство од меѓународно значење. Го прифатив тој совет. Оттука, со голема надеж прогласувам крај на вонредната глобална состојба од коронавирусот“, рече тој и додаде дека одлуката била внимателно разгледувања некое време и била донесена врз основа на внимателна анализа на податоците.

Тој предупреди дека укинувањето на највисокото ниво на тревога не значи дека опасноста е помината и додаде дека вонредната состојба може да биде вратена доколку ситуацијата се промени.

„Најлошото нешто што може да го направи која било земја сега е да ја искористи оваа вест како причина да го спушти гардот, да ги демонтира системите што ги изградиле или да испрати порака до нивното население дека Ковид-19 не е причина за грижа“, истакна Аданом Гебрехесус.

Светската здравствена организација првпат го прогласи коронавирусот за вонредна состојба за јавното здравје од меѓународно значење во јануари 2020 година. Потегот сигнализираше потреба од координирана глобална акција за заштита на луѓето од новиот вирус.