СЗО препорача носење маски на долги летови

Земјите треба да размислат да им препорачаат на патниците да носат маски на долги летови за да се спротивстават на најновата подваријанта на омикрон – XBB.1.5 што брзо се шири во САД, рекоа претставници на Светската здравствена организација (СЗО), пренесува Ал Џазира Балканс.

Во Европа, подваријантата XBB.1.5 се открива во мал, но растечки број, изјавија претставници на СЗО за Европа.

На патниците треба да им се советува да носат маски во високоризични средини, како што се летови на долги релации, рече високата службеничка за итни случаи на СЗО за Европа, Кетрин Смолвуд.

„Ова би требало да биде препорака за патниците кои доаѓаат од кое било место каде што се шири Ковид-19“, додаде таа.

XBB.1.5 е најзаразната подваријанта на омикрон досега откриена, и е одговорна за 27.6% од случаите на Кови-19 во САД во првата недела од јануари, соопштија американските здравствени власти.

Постоечките вакцини сè уште штитат од тешки симптоми, хоспитализација и смрт, тврдат стручњаците.