СЗО: Омикрон се шири со брзина досега невидена кај претходните варијанти

Светската здравствена организација (СЗО) предупредува дека Омикрон се шири со најголема брзина во споредба со другите варијанти и повика светот да ги искористи сите расположливи алатки за да се бори со пандемијата на коронаврусот.

Зборувајќи пред медиумите синоќа, директорот Тедрос Аданом Гебрехесус посочи дека само вакцините нема да ја извлечат ниту една земја од кризата.

„Не станува збор за вакцини наместо маски, дистанцирање, вентилација и хигиена на рацете. Правете го сето тоа. Правете го постојано и правете го добро“, рече тој.

Гебрехесус уште еднаш ја потенцираше нееднаквоста во пристапот до вакцините. Додека многу од западните држави се тркаат за „бустер“ дози, голем дел од посиромашните држави уште немаат добиено ниту по една доза за имунизирање на својата популација.

„Да бидеме јасни – СЗО не е против „бустер“ дози. Ние сме против вакциналната нееднаквост. Тоа е прашање на приоритети. Давање на бустер дози на групи кои се со низок ризик за сериозна болест или смрт едноставно ги става во ризик оние кои се со висок ризик, а кои се` уште ја немаат добиено својата прва доза“, подвлече директорот на СЗО.

Тој информираше дека 41 држава уште не успеале да вакцинираат ниту 10% од своето население, додека 98 држави низ светот не достигнале до нивото од 40%.

„Доколку ставиме крај на нееднаквоста, ќе ставиме крај на пандемијата. Доколку дозволиме нееднаквоста да продолжи, ќе дозволиме и пандемијата да се развива понатаму“, рече Гебрехесус.

Европските држави и останатиот дел од светот во меѓувреме воведуваат нови ограничувања во насока на намалување на ширењето на Ковид-19, особено новата варијанта Омикрон.

„Досега 77 држави во светот регистрирале случаи на Омикрон. Реалноста е дека Омикрон е веројатно во најголемиот број држави, иако досега не е детектиран“, додава шефот на СЗО.

Според Абу Махмуд, менаџер за инциденти во Организацијата, ширењето на новата варијанта е толку големо, што може да стане доминантен сој во дел од европските држави до средината на декември, иако и понатаму се соочуваат со последиците од бранот инфекции предизвикани од Делта варијантата.