„Гарантираната цена“ на дел од храната ќе трае до крајот на годината

Замрзнатите цени на дел од основните прехранбени производи означени како „гарантирана цена“ наместо до 30 ноември ќе се останат исти до крајот на годината, одлучи Владата на вчерашната седница.

Одлуката е донесена на предлог на Министерството за економија, по консултации со бизнис секторот, а со цел заштита на потрошувачите од евентуално повторно зголемување на цените.

„Согласно сите анализи и разговори со Државниот пазарен инспекторат, со Секторот трговија во Министерството за економија, а имајќи во предвид дека е подготвен финалниот текст на Законот за нефер трговски практики, кој треба за кратко време да биде доставен во Собранието, а очекуваме да биде изгласан од пратениците, одлучивме мерката за намалување на цените на дел на основните прехранбени производи, како и знакот „гарантирана цена“, наместо до 30 ноември да важи до крајот на годината. Тоа ќе значи дека потрошувачите ќе бидат заштитени од евентуално повторно зголемување на цените“ кажа министерот Бектеши.

Владата дополнително ја укина забраната на трговците на мало да нудат акции и попусти при ставање во промет на земјоделски и прехранбени производи.

„По широката и конструктивна дискусија со трговците и на мало и големо, како и компаниите за производство на прехранбени производи и претставници на Стопанската комора, за да нема заблуда кај претставниците од секторот трговија, денеска беше целосно укината Одлуката за забрана на акции и промоции. Бидејќи одредени трговци на мало ја толкуваа претходната Одлука дека немаат можност да имаат акции и промоции, сега со последното прецизирање, односно измена и дополнување на Одлуката и производителите и дистрибутерите и трговците ќе имаат можност да ги стават сите земјоделски и прехранбени производи на акција и промоција“ кажа министерот Бектеши.

Меѓу производите кои се продаваат по „гарантирана цена“ се наоѓаат стандардните типови на леб, брашно, ориз, млеко, јогурт, дел од месото и млечните производи, јајцата како и безалкохолни пијалоци, пиво и флашираната вода.