Од утре се замрзнува цената на безалкохолните пијалаци и пивото, а паѓа и цената на овошјето и зеленчукот, најави Ковачевски

Владата на денешната седница одлучи да ги замрзне цените на безалкохолните пијалаци и пивото, а дополнително ги ограничи и профитните маржи во трговијата на овошје и зеленчук, сподели денеска на пресконференција премиерот Димитар Ковачевски.

Како што информираше, на листата со гарантирана цена од утре влегуваат и газираните и негазираните пијалаци, со исклучок на енергетски пијалаци, газирана и негазирана вода и светло и лагер пиво. Највисоките цени на овие пијалаци се утврдуваат со цените кои ги имале овие производи на 19 септември годинава во трговијата на големо и се намалуваат за 10%. И овие производи во маркетите и продавниците се должни да имаат ознака „гарантирана цена“ на полиците и фрижидерите.

Владата одлучила и за одредување највисока профитна маржа за свежото овошје и зеленчук. Оваа маржа ќе биде ограничена до 10% во трговијата на големо и 15% во трговијата на мало. Како што соопшти премиерот, со оваа одлука се 0чекува цените на овошјето и зеленчукот да се намалат за 30%.

Овие две одлуки Ковачевски најави дека ќе бидат објавени денеска во Службен весник и веќе од утре ќе стапат на сила.

„Убеден сум дека со гарантираната цена на производите, како и останатите мерки кои ги носиме од социјален карактер, ќе успееме да ја стабилизираме инфлацијата до крајот на годината. Со септемвриските покачувања за 10% на платите, како и линеарното зголемување на пензиите, очекуваме двоцифрената инфлација да падне на 8%, а кај храната да биде до 5%. Апелирам до трговците да ги почитуваат мерките, а граѓаните и медиумите за сите неправилности да алармираат до Државниот пазарен инспекторат“, рече Ковачевски.

Овие нови мерки доаѓаат откако Владата претходната недела ги замрзна цените на 24 категории основни прехранбени производи, како што се лебот, млекото, јогуртот, оризот, тестенините, месото, кашкавалот или сирењето.

[Инфографик] За колку поевтинија прехранбените производи со „гарантираните цени“?