[Галерија] Со „честитки“ од читатели Радио МОФ го одбележува Светскиот ден на слободата на медиумите

По повод 3 мај, Светскиот ден на слободата на медиумите, Радио МОФ реши да објави фотогалерија од „честитки“ од нашите читатели, објавени во коментари или напишани во поштенските сандачиња на нашите профили на социјалните мрежи.

„Лечете се“, „и вие да си добиете по тамбура“, „Да ви ја е*ам семката автошовинистичка“, “„Мрш северџани предавници“, „Да ви го е*ам порталот пе*ерски“, „проститутки“, се само дел од коментарите кои ги добивме годинава.

Најновиот извештај на Репортери без граници покажа дека С. Македонија е на 38-то место во светот од 180 држави вкупно според Индексот за слободата на медиумите за 2023 година. Ова претставува скок од 19 места во споредба со лани, и напредок од дури 52 места во споредба со резултатот од пред две години. За првпат по 15 години земјава се најде во групата држави со задоволително ниво на слобода на медиумите. Сепак и во овој извештај се нагласува дека новинарите се под различни видови притисок.

„Новинарите редовно се мета на вербални напади. Под изговор на заштита на државни тајни и лични податоци, тие може да бидат изложени на правни притисоци и агресивен прогон (одлуки за рестрикција на јавно објавување информации и стратешки тужби против јавно учество). Сепак, судовите знаат да застанат во одбрана на слободите и да ги заштитат новинарите. Во главниот град, беше назначен специјален обвинител кој треба да ги процесира случаите на напади врз новинари, а се размислува за отворање на слични оддели низ земјата“, стои во извештајот на Репортери без граници за земјава.

Последниот Извештај на американскиот Стејт департмент за човекови права за 2022 година, пак, покажа дека во земјава слободата на медиумите е ниска.

Во тој дел од Извештајот се констатира дека според Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Владата покажала недостаток на капацитет ефективно да ги санкционира прекршувањата на правата на новинарите и да ја заштити нивната безбедност. Во извештајот се евидентирани и случаи на закани и малтретирање на новинари.

„Заклучно со 15 август ЗНМ добиле осум жалби од новинари, меѓу кои и полициски распити на новинари за „информативни разговори“, спречување на новинарите во вршење на нивната должност, закани и навреди кон новинари за време на нивни работни задачи и несоодветно постапување од владини и локални функционери и членови на партија“, пишува во Извештајот.

Стејт департментот ја цитира и анкетата на Платформата за истражувачко новинарство и анализи, во која 80 проценти од анкетираните новинарки често биле мета на онлајн малтретирање, меѓу кои и закани и онлајн булинг. Во најголем дел ова малтретирање било поврзано со стории објавени од новинарките.

Во февруари годинава беа усвоени измени на Кривичниот законик, па во делот на заштитата на новинарите се предвидуваат построги казни за кривичните дела „Убиство“, „Присилба“, „Загрозување на сигурноста“ и „Спречување службено лице во вршење службено дејствие“ доколку овие дела се сторени кон новинари или медиумски работници.

Но само неколку дена подоцна стотина новинари и медиумски работници пред Владата и Собранието го изразија својот револт од лошите услови во кои работат, нападите, притисоците и заканите, како и потценувачкиот однос кон новинарите од страна на Владата.

На протестот под паролата „Марш за одбрана на новинарското достоинство“ новинарите алармираа за се` позачестените напади кои ги трпат при вршење на својата работа.

„Не молчевме кога проникнуваше новинарството во оваа млада република. Не молчевме ни кога не тепаа, малтретираа, затвараа, кога не шиканираа и ги губевме нашите работни места. Баш напротив – се обидоа да создадат страв, а создадоа џин. Тој џин сме ние денеска овде. Тој џин нема намера да молчи и да затскрива ништо (…) Сведоци сме на една атмосфера во која новинарите и медиумските работници се се` повеќе шиканирани, напаѓани, навредувани, тепани, газени, малтретирани… Тој наратив потекнува од повеќе извори, но за жал гледаме дека и високи политички функционери си дозволуваат да навредуваат и омаловажуваат. Сметаме дека оваа ситуација мора да сопре. Нападите врз новинарите и медиумските работници се напад врз јавноста, односно врз правото граѓаните да бидат информирани“, порача тогаш на протестот претседателот на ССНМ, Павле Беловски.

Нека ви е (ни е) среќен Светскиот ден на слободата на медиумите!

Тимот на Радио МОФ