[Галерија] Матурантите го одиграа традиционалниот квадрил на скопскиот плоштад

Матуранти од 14 скопски средни училишта денеска точно на пладне учествуваа на традиционалната „Матурска парада“ на плоштадот „Македонија“ во Скопје.

Квадрилот во исто време се играше и во Гевгелија, Охрид и Струга. Истовремено, покрај Македонија, матуранти танцуваа и во Словенија, Србија, Словачка, Црна Гора и Унгарија.

Од Дирекцијата за култура и уметност Скопје (ДКУ) претходно истакнаа дека во последните години, составен дел на подготовките и на самата завршна манифестација е кажувањето на „заклетва за ненасилство“ од учесниците во сите градови во земјите во кои се одржува настанот.

На настанот во Скопје се обрати министерот за образование и наука Јетон Шаќири кој истакна дека тие сега се наоѓаат пред испитот на зрелоста, на крстосница на која, како што рече, мора да одлучите во кој правец ќе се движите.

„Некои од Вас ќе одлучат да го продолжат образованието и јас давам совет, освен по личните афинитети и желби, да се водите и според информациите за тоа каков кадар недостасува на пазарот на трудот. Така работодавците сами ќе ве бараат. Некои пак, директно ќе се вклучат на пазарот на трудот. И нив ги советувам, да продолжат да се надградуваат, да ја користат секоја прилика за стекнување нови знаења и вештини. Сепак, образованието не е чин, туку процес кој трае цел живот“, рече Шаќири

Истовремено, тој испрати и порака за ширење мир, љубов, толеранција и почит.

„Сакајте се и почитувајте се меѓу себе. Немојте никогаш да бидете насилни. Почитувајте ги различностите и на нив гледајте како можности за обединување, а не како предизвици“, рече Шаќири.

Во изминатите 14 години на матурските паради, според ДКУ, учествувале матуранти од стотина градови од Македонија, Словенија, Италија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Романија, Бугарија, Албанија, Украина, Унгарија и Австрија и вкупната бројка на учесници надминала 450.000 матуранти.

Покровител на манифестацијата беше Град Скопје, со поддршка од Делегацијата на Европската Унија во Македонија.

Погледнете повеќе во фотографиите на Радио МОФ.

Мартин Колоски