[Галерија] Критична маса #86: Девет години праќаме пораки за безбедни скопски улици

Денеска се одржа 86-тата Критична маса на неформалната група „На точак“ со која активистите одбележија девет години праќање пораки за безбедни скопски улици и подобра велосипедска инфраструктура.

Тие возењето го завршија на улицата „Васко Карангелески“ во скопски Аеродром, каде за првпат се одржа настанот „Улици за луѓе“, во кој на еден ден оваа улица е затворена за автомобилски сообраќај, со цел да изразат поддршка за почесто организирање вакви настани и да потсетат на социјалната функција на улицата.

„Сметаме дека е убаво во Скопје луѓето да се потсетат дека улиците се пред сè за луѓе. Последниве години, од кога јас сум дете, забораваме пополека дека овие улици првенствено беа наменети да играме на нив. За жмурка, за собир, за сервис… Последниве години од што се насобраа многу коли, паркинзите ги снема, ние немаме каде да се собираме повеќе. Ниту луѓето каде да прават муабет, ниту точаците каде да возат. Како што градот има тенденција да го направи подобар сообраќајот, да има повеќе автобуски,  велосипедски линии, така треба да работи и на тргањето на луѓето од колите. Кога луѓето ќе ги напуштат своите возила, тогаш повеќе ќе го сакаат градот, а вакви настани се важни за да стигнеме до таа точка“, рече Дарко Арсовски од „На точак“.

„На Точак“ е неформална група скопски велосипедисти, оформена првично преку социјални мрежи. Целта на „На Точак“ и на организирањето на Критична маса во Скопје е популаризација на велосипедот како урбано превозно средство.