Град Скопје со препорака до општините за задолжителни паркинг места за велосипеди при издавање одобренија за градба

Град Скопје до скопските општини достави препорака за носење одлука за воведување задолжителни паркинг места и простор за велосипеди во рамки на градежните парцели при издавање одобренија за градба за нови објекти, како и за усогласување на инфраструктурата кај веќе изградените објекти, информираше денеска градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска.

Ваквата препорака, како што посочи Арсовска е во насока на стимулирање на зголемена употреба на еколошки превозни средства, намален метеж во сообраќајот и намалено загадување на воздухот од употребата на моторни возила.

„Одлука која би се донела на општинско ниво е важна со цел инвеститорите на нови станбени и деловни објекти во рамки на градежната парцелата да предвидат и соодветни паркинг простори за велосипеди. Со ваква одлука со која би се задолжиле инвеститорите кои поднесуваат барање согласно Законот за градење да обезбедат паркинзи за велосипеди секаде каде има простор и можност за истите да се постават, значително ќе се придонесе за подобрување на инфраструктурата и стимулирање на зголемено користење на велосипедите“, посочи Арсовска.

Со наложување на минимално потребен број на паркинг места за велосипеди кај новите, но и кај станбени згради кои треба да се реконструираат, Арсовска вели дека се обезбедува стандардизирање на уредувањето и обезбедувањето паркинзи за велосипеди во рамки на една градежна парцела, што треба да е соодветно прилагодено со бројот на станбени единици и бројот на паркинг места за моторни возила.

„Се препорачува со одлука на општината да се утврди од вкупниот број паркинг места за велосипеди, истите да бидат заштитени од кражба и атмосферски влијанија, правно усогласени со документацијата која е дел од постапката за издавање на одобрение согласно Законот за градење. Се препорачува со одлука на советот на секоја од општините да се предвиди, за веќе изградените станбени и деловни објекти да ја уредат и усогласат инфраструктурата и опремата за паркинг за велосипеди во соодветен рок утврден со донесената одлука“, додава Арсовска.

Дополнително, во објавата се посочува дека Град Скопје изминатата година обезбедил паркинзи за велосипеди во сите 23 градски средни училишта со цел стимулирање здрави навики кај младите и користење на велосипедот, при што се препорачувало на скопските општина во училиштата и институциите кои се под општинска надлежност да воведат соодветни паркинг простори и места.