На Точак: И по 11 месеци, нема реални мерки за олеснување на јавниот превоз и алтернатива

Потребна е велосипедска мрежа низ целиот град, низ секое маало, исто како што има мрежа за автомобили, реагираат од неформалната група На точак. Тие потсетуваат дека без оглед дали ќе заврши пандемијата наскоро или ќе трае подолго, спроведување на велосипедска мрежа ќе има позитивни ефекти.

„И по 11 месеци реални мерки за олеснување на јавниот превоз и реална алтернатива – нема. Препораки за 50% капацитет не се мерки, ако не обезбедите алтернатива за другите 50%. Некоја велосипедска патека тука и таму, не се доволни. Би ви биле доволни за движење со автомобил?“, стои во објавата на На Точак.

Пред речиси една година, заедно со Здружението Одржливи иницијативи и уште 40 други организации поднесоа барање за создавање #ПросторАнтиКорона, кое го доставија до владата, надлежните министерства, општините и Град Скопје.

„Здрава активност е, движење на отворено е, не загадува, помал ефект на климатски промени, поголема безбедност.
Не гледаме причина зошто да не се заложиме за тие цели како општество?“, прашуваат од На Точак.