[Галерија] Искасапен носорог е фотографија од дивината за 2017

Шокантниот призор на злосторство против животната средина беше прогласен за победник на натпреварот „Фотограф на дивината 2017“.

Фотографијата од мртов носорог, на кој му е отстранет рогот во резерватот Хлухлуве Имфолози во Јужна Африка ја направил фоторепортерот Брент Стиртон, како дел од истрага во нелегалната трговија со производи од носорози.

Фотографот посетил повеќе од 30 такви места на злостор за време на неговата истрага и објаснува дека искуството било депресивно.

„Моето прво дете ќе биде родено во февруари. Имам 48 години и мислам дека чекав толку долго време бидејќи на некој начин изгубив верба поради многуте работи кои ги гледаме како фоторепортери. Губите верба во човештвото до одреден степен“, вели тој за ББЦ.

Стиртон, кој наградата ја прими на церемонија во Националниот историски музеј во Лондон, верува дека касапењето прикажано на неговата победничка фотографија веројатно била дело на локални жители, кои работеле по нарачка.

Вообичаената пракса е да се продаваат двата рога на животното на посредник. Тој човек, потоа ја криумчари стоката надвор од Јужна Африка, најверојатно во Мозамбик за Кина или Виетнам. Во овие азиски држави роговите на носорозите на црниот пазар имаат поголема вредност од злато или кокаин.

Трговијата се сведува на празноверието дека рогот, кој е од истиот материјал како човечките нокти, може да лечи разни болести – од рак до камен во бубрег.

„За мене оваа награда, жирито кое ја одбележило оваа фотографија, е илустрација дека сега живееме во различно време, дека ова е вистински проблем. Шестата доба на изумирање е реалност и носорозите се само еден од повеќето видови кои ги губиме со забрзано темпо и сум навистина благодарен што жирито ја избра оваа фотографија бидејќи овозможува проблемот да добие уште една платформа“, додава Стиртон.

„Луѓето може да се згрозени, може да се ужаснати, но фотографијата те вовлекува во неа и сакате да знаете повеќе за неа, сакате да ја знаете приказната зад фотографијата. И не можете да избегате, ве соочува со она што се случува во светот“, вели Луси Блеквел, претседателот на жири-комисијата на наградата „Фотограф на дивината“.

Наградата за „Најдобар млад фотограф на дивината“ ја доби Даниел Нелсон од Холандија, за далеку посмирената фотографија на младенче горила како се храни со лебно дрво во национален парк во Република Конго.

Некои од останатите победници по категории се:

Категорија: Поединечна фотографија/Автор: Арон „Берти“ Гекоски

Категорија: Портрети на животни/Автор: Питер Дилејни

Категорија: Животни во нивната природна средина/Автор: Марсио Кабрал

Категорија: Млади фотографи 11-14 години/Автор: Ешли Скали

Категорија: Млади фотографи 10 години или помалку/Автор: Екатерина Би

Категорија: Црно и Бело/Автор: Ејло Елвингер

Категорија: Однесување – Водоземци и рептили/Автор: Брајан Скери

Категорија: Однесување – Птици/Автор: Гери Пирс

Категорија: Однесување – Без`рбетници/Автор: Џастин Гилиган

Категорија: Однесување – Цицачи/Автор: Тони Ву

Категорија: Урбана дивина/Автор: Хаиме Кулебрас