Фридом Хаус: Македонија е делумно слободна, а светот е под закана од популисти и автократи

Македонија и оваа година е делумно слободна земја според најновиот извештај на Фридом Хаус, „Слободата во светот 2017“. Земјава е меѓу најлошо рангираните европски земји, со вкупно 57 поени на скалата од 0 (најлошо) до 100 (најдобро).

Зад Македонија, во Европа, се наоѓаат само Белорусија, Русија, Турција, Босна и Херцеговина и Косово.

Насловен како „Популисти и автократи: Двојна закана за глобалната демократија“, извештајот на Фридом Хаус одбележува 11 години последователен пад на глобалните слободи. 87 земји во светот го добија статусот „слободни, 59 „делумно слободни, додека 49 се означени како „неслободни“ држави.

Од организацијата регистрираат назадување во политичките и граѓанските права и кај голем број од „слободните“ држави, како Србија, Унгарија, Франција, САД, Бразил и други.

Регионите на Блискиот Исток и Северна Африка имаат најлоши рејтинзи во светот во 2016, додека блиску до нив се наоѓа и евроазискиот регион.

Од државите кои се означени како „неслободни“ Сирија буквално го проби дното. На оваа држава која е во долгогодишна граѓанска војна им е доделен негативен скор од -1, и покрај тоа што скалата е од 0 до 100 поени. Еритреја, Северна Кореја, Узбекистан и Јужен Судан следат на листата најмалку слободни земји во светот.

Во последните 10 години најголеми падови во рангирањето се забележани во Централноафриканската Република, Турција, Гамбија и Мали.

Најслободните држави, со перфектен скор од 100 поени, се Норвешка, Шведска и Финска следени од Канада и Холандија кои имаат 99 поени.