[Фото] Заврши 48-часовниот маратон за креирање видео игри Global Game Jam Skopje 2024

По предавања во областа на гејмингот и препознатливиот „џемерски дел“, вчера заврши 48-часовниот маратон во креирање на видео игри Global Game Jam Skopje 2024.

Од Асоцијацијата на Македонската индустрија за видео игри (МГИ) кои се организатори на настанот велат дека за нив ова бил најдобриот Game Jam досега, и притоа додаваат дека на годинешниот маратон се пријавиле 60 учесници, а на локацијата дошле 75 и сите биле примени.

„Од нив се формираа 17 тимови, а се направија неверојатни 19 игри, од кои 18 видео игри и еден бордгејм. Темата за оваа година беше „Пробај да ме насмееш“, а истовремено се случуваше во 109 земји во светот, на 797 локации и глобално учествуваа 48000 учесници“, велат од МГИ.

Global Game Jam се случува секоја година, последниот викенд во јануари. Оваа година за првпат имаше предавања во деновите пред „џемерскиот“ дел од настанот во рамки на конференцијата наречена „Мини гејм конференцииче“.

Фото: МГИ