ЕУ ги унифицира прописите за видеоигрите – ќе се опфатат техниките кои создаваат зависност и коцкарските микротрансакции

Европскиот парламент во средата со големо мнозинство изгласа резолуција со која треба да се воспостават единствени прописи за видеоигрите на целата територија на Европската Унија, чија главна цел треба да биде поголема заштита на гејмерите од механиките кои создаваат зависност или пак промотивните понуди за купување во самите игри, кои имаат елементи на коцкање.

Со резолуцијата се повикува Европската Комисија да изработи таканаречена Европска стратегија за видеоигри. Стратегијата ќе содржи низа мерки на кои ќе мора да се придржуваат развојните тимови доколку сакаат да ги дистрибуираат нивните игри во ЕУ. Иако се` уште не се познати сите детали кои ќе бидат дел од овој документ, меѓу главните барањата на Европарламентот се следниве прашања кои треба да се адресираат:

  • Обединување на податоците за гејмерите, со цел прецизно да се утврди просекот на години и поминатото време и потрошените пари при играњето.
  • Воведување единствен систем за класификација на игрите според содржината и пожелната возраст. Како пример се наведува Паневропскиот систем за гејминг информации (ПЕГИ), кој веќе се користи во 38 држави.
  • Воведување правила за „лут-боксовите“ (loot-boxes). Се работи за механика во голем дел од видеоигрите во кои на гејмерите им се нудат пакети кои нудат награди по случаен избор (во кои постои шанса да се добие нешто многу ретко што се користи во играта), а кои се купуваат со вистински пари. Некои европски држави, како Холандија и Белгија овој вид на микротрансакции го сметаат за вид на коцкање и во овие земји ваквите практики се забранети. Под лупа се очекува да бидат ставени и практиките за купување дигитални валути во видеоигрите, како и „голд-фармингот“ (gold-farming), кога се продаваат предмети добиени во игрите за вистински пари.
  • Од развојните тимови на видеоигри ќе се очекува и при создавањето на игрите да ги напуштат механиките кои можат да создадат зависност. Повод за ваквите прописи се и наводите на Светската здравствена организација која зависноста од видеоигри ја стави на официјалната листа на болести.

„Нашиот извештај ги потенцира позитивните страни на оваа нова индустрија, но истовремено и социјалните ризици кои треба да се имаат на ум, како што е влијанието на гејмингот врз менталното здравје. Ова е нешто што особено може да влијае врз младите гејмери. Мораме да ги хармонизираме ЕУ прописите, со што ќе обезбедиме заштита на потрошувачите и особен фокус на малолетниците“, изјави известувачката за предлогот, Адриана Малдонадо Лопез, при презентација на извештајот во Европарламентот.

Европарламентот во резолуцијата предложува и формирање на годишна награда за Европска онлајн видеоигра, со цел да се оддаде признание на огромната вредност и потенцијал на гејминг индустријата.