[Фото] „За спас на Кисела Вода“ со петиција и натписи протестира против изградба на објект во Пржино

Иницијативата „За спас на Кисела Вода“ до медиумите испрати петиција/иницијатива, која велат е  потпишанa од локални жители и соседи, загрижени за евентуалнa изградба на станбен објект на улица „Кара Трифун“ бр.14 („Пржино“ 24). Потенцираат дека се работи за слепа, тесна уличка, поставена на рид. Својот протест го искажаа поставувајќи натписи долж улицата.

„Имено, на нашата уличка се планира да се гради несоодветен објект и покрај постојните егзистенцијални проблеми со кои се соочуваме – уличката е уште сега веќе претесна за постојните автомобили и причина е на постојани расправии. Поради непостоење на атмосферска канализација, при посилни дождови постоечката канализациона мрежа е претесна и настанува избивање од шахтите на канализацијата, пришто ги поплавува нашите дворови, подруми, улицата, а понекаде и самите домови, а оттука не само нашите тука домовите и на главната улица Пржино.

Според иницијативата, основниот проблем со кој се соочуваат е што на оваа мала слепа уличка од 16-тина семејства, се планира да се направи зграда со уште 16 станови.

„Во Пржино, според постоечкиот ГУП, не се дозволени згради, па би сакале да се обратиме до надлежните служби да се изјаснат дали е легално во населбата да се гради зграда, особено на ваква локација и особено на уличка која веќе има инфраструктурни проблеми.  Би сакале јавно да побараме од Водовод и канализација, ревизија на одобрението за приклучок на постојната канализациона мрежа. Истотака, да побараме писмен одговор/мислење, кое го побаравме од Министерството за транспорт и врски, а до денес не сме добиле одговор, дали е во ред на ваков терен да се гради зграда со 16 стана, со заеднички влез и паркинг?“, соопштува иницијативата.

Трдат дека општината со ДУП од 2016 година, на еден ист сопственик му доделува 4 градежни маркички на местото од едната, од кои две се без пристап до улица. Понатаму, велат тие, со образложение дека двете парцели немаат достап до улица, во Идејно решение добива дозвола да ги спои парцелите со единствен влез и паркинг.

„Прашуваме зошто тогаш се барани 4 градежни маркички и дали општината смеела да издаде градежни маркички ако немаат пристап до улица? Општината нагласува дека документацијата на инвеститорот е во ред и практично и‘ се врзани рацете, а сепак ни се случува недозволена градба според Градскиот урбанистички план. Прашуваме, доколку овие огромни пропусти се веќе увидени, како може да се помислува на издавање на Одобрение за градба?“

„Би сакале да потенцираме, дека на овој начин на „протнување“ на нелегална изградба на објекти, која се провлекува низ повеќе институции, конечно треба да и‘ се стави крај! Градењето на таков објект на нашата уличка, ќе реперкуира слични случаи во населбата! Слична градба во помали размери, на соседите на улица Пандо Кљашев им го урна патот и им ги оштети потпорните ѕидови. Зарем новите градби треба да се дозволи да го уништат имотот и животот на староседелците?“, велат од иницијативата.