[Фото + Видео] Уметници го „трансформираа“ центарот на Скопје со дрва и зеленило

Зеленило и дрвја, цветови и дрвени куќарки, наместо бетонските градби во центарот на Скопје, вака најголемиот дел од уметниците го замислуваат главниот град преку визир-скиците од проектот „Визија Скопје“ кои вчера и денеска се поставени на градскиот плоштад.

Целта на проектот е преку саркастичен, хумористичен, но и сериозен пристап, да понуди можни решенија за изгледот на централното градско подрачје. Тоа е и коментар, но и критика на постоечката состојба.

„Од тротоарите до плоштадите и парковите во централното градско подрачје јавните површини сè повеќе се намалуваат. Покрај физичкиот напад голема улога има визуелниот и естетскиот изглед на градот кој проектот Скопје 2014 го доведе до тотална катастрофа. Грдите, неквалитетни и прескапи згради и фасади, уништените паркови и зеленило, несразмерно големиот број лоши фигуративни скулптури на мала површина на плоштадот во Скопје создаваат слика на хорор и лудило која е наша реалност и секојдневие“, велат уметниците Ненад Тонкин и Јана Јакимовска.

Учесници / реализатори на делата ќе бидат студенти од Факултетот за ликовни уметности од Скопје, Архитектонскиот факултет од Скопје и Ликовната академија од Штип. Изработените дела ќе бидат јавно изложени до 13:30 часот денеска.

Фотографиите се преземени од фејсбук профилот на Ненад Тонкин.