Уметници преку ликовен проект ќе понудат решение за изгледот на градското подрачје на Скопје

Утре напладне двајца уметници ќе започнат ликовен проект на Плоштад Македонија со кој ќе укажат на проблемот со узурпацијата на јавниот простор во Скопје во последните 10 години, со почетокот на проектот Скопје 2014.

„Од тротоарите до плоштадите и парковите во централното градско подрачје јавните површини сè повеќе се намалуваат. Покрај физичкиот напад голема улога има визуелниот и естетскиот изглед на градот кој проектот Скопје 2014 го доведе до тотална катастрофа. Грдите, неквалитетни и прескапи згради и фасади, уништените паркови и зеленило, несразмерно големиот број лоши фигуративни скулптури на мала површина на плоштадот во Скопје создаваат слика на хорор и лудило која е наша реалност и секојдневие“, велат уметниците Ненад Тонкин и Јана Јакимовска.

Визија Скопје“ е ликовен проект кој има за цел преку саркастичен, хумористичен, но и сериозен пристап да понуди можни решенија за изгледот на централното градско подрачје. Тоа е и коментар, но и критика на постоечката состојба.

Уметниците ќе користат визир-скици со кои ќе најдат нови решенија за конкретни локации на плоштадот, но и да се искоментира и критикува постоечката узурпација. Цел на размислување може да биде една конкретна зграда, скулптура или пак поголем дел од плоштадот.

Учесници / реализатори на делата ќе бидат студенти од Факултетот за ликовни уметности од Скопје, Архитектонскиот факултет од Скопје и Ликовната академија од Штип. Изработените дела ќе останат на истите позиции до крајот на денот, сабота 12-ти и во текот на следниот ден, недела 13-ти октомври во вид на јавна изложба.

Визија Скопје е проект финансиски поддржан од Град Скопје во рамките на годишната програма за 2019 година.