[Фото] Со рок свирки и доделување на Наградите за младинско учество, се одбележа Денот на младите

Со настапи на бендовите „Рома рок скул“ и „Димиш“, доделување  на наградите за младинско учество, презентација на Националната стратегија за млади 2023-2027 и гозба со бургери, вчеравечер на Школка во Градскиот парк, Канцеларијата на Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) и Младинскиот образовен форум (МОФ) го одбележаа Меѓународниот ден на млади.

Одржувајќи се од 2000 година низ целиот свет на 12 август, Денот треба да ги потсети властите, институциите, политичарите, па и целата јавност за потребите на младите, бидејќи, како што многупати велат во политичките говори, „на младите останува иднината“.

Тоа го вели и Иван Димишков – Димиш, кој дополнува дека се согласува со „старците“, бидејќи, според него, наредните генерации се тие што ќе направат нешто во оваа држава, се надева, подобри промени.

„Важен е Денот на младите бидејќи тоа е нивен ден, треба да се слушне нивниот глас и нивната порака. За жал, моето мислење е дека не баш се слуша нивниот глас, па затоа се важни вакви настани, да доаѓаат, да се собираат“, вели тој за Радио МОФ.

За Димиш, кој активно се бави со музика, музиката е гласило преку кое може да се чуе гласот на младите.

„Ние правиме музика го споделуваме нашето мислење со другите и другите размислуваат слично ко нас. Ќе кажеме ние нешто, а другите ќе кажат дека се согласуваат со тоа мислење и можеме заедно преку музиката да се споиме и да направиме промена“, вели тој.

Токму со музика, односно музички настап на хармоника од страна на младиот Алдин Мурати официјално и започна прославата на Денот на младите.

По поздравните говори на Mоника Сандри, претставничка од Обединетите нации и Наумче Мојсоски, директор на Агенцијата за млади и спорт (АМС) следуваше и кратка презентација за процесот на изработка на Националната стратегија за млади 2023-2027 од страна на Гордана Цекова. Цекова истакна дека акцискиот план за младинската стратегија моментално е во Владина процедура, а се очекува дека ќе биде усвоен во септември.

По седми пат годинава, по повод Денот на младите беа доделени и Наградите за младинско учество, кои ги доделува АМС и Националниот младински совет на Македонија – (НМСМ).

Наградите беа поделени во три категории, а годинешни добитници на наградата се новинарот Гоше Николов во индивидуалната категорија, Училишниот спортски клуб ДСУ за рехабилитација и образование „Св. Наум Охридски“ во категоријата неформални групи и Здружението на граѓани „Младите можат“ во категоријата младински организации, организации за млади и чадор младински организации.

Новинарот Гоше Николов кој ја доби наградата за водење на платформата „Студентарија“, за Радио МОФ вели дека Денот на младите е важен бидејќи се случува за да ги потсети младите дека силата, дека моќта е во нив и дека тие се оние кои што треба да ги диктираат промените, а не само да бидат пасивни набљудувачи на она што се случува во општеството.

„Наградата за млади за мене и за ‘Студентарија’ како голема студентска заедница, како најголемата студентска платформа во Македонија, значи многу затоа што навистина некогаш, препознавањето, е сѐ што им треба на младите и оние што покажуваат свои сопствени иницијативи за само да им даде дополнителен поттик, поддршка и мотивација да продолжат поактивно и да придонесуваат кон добри и позитивни промени во општеството“, вели тој.

За Николов, младите денес имаат најразлични средства за да придонесат кон позитивни промени – волонтирање, уметност, улични протести, онлајн петиции и – мемиња.

„’Студентарија’ е вистински доказ, кој што покажува како со меме се предизвикува реакција од државна институција, во овој случај беше Министерството за образование и наука, најчесто е МОН и ќе го повторам она што го кажав во говорот – ако со едно меме можеме да предизвикаме реакција, тогаш замислете што се може да се случи ако се искористат сите останати средства што им стојат на располагање на младите“, нагласува тој.

При доделувањето на наградата од Училишниот спортски клуб ДСУ за рехабилитација и образование „Св. Наум Охридски“,  истакнаа дека ќе продолжат со нивната цел, а тоа е вклучување на повеќе ученици со посебни потреби во спортот и спортските активности.

Никица Манџуковски, претставник од „Младите можат“ пак, за Радио МОФ посочи дека за „Младите можат“, како младинска организација, секој ден е Ден на млади.

„Важно ни е кога добиваме ваков тип на награда особено по втор пат кога ја добиваме бидејќи тоа значи дека младите сѐ  уште веруваат во нас. Оваа награда ни е особено драга бидејќи е втора награда која што ја добиваме. По крајот на ковид пандемијата, потребите на младите се променија и се обидувавме да пронајдеме кои се нивните нови потреби, а во еден момент, мислевме дека можеби ја изгубивме крајната комуникација со нив, но оваа награда која што ја добивме покажа дека не е така“, вели тој.

По доделувањето на наградите, следуваа настапи на бендовите „Рома рок скул“ и „Димиш“, кои дополнително ја разиграа и онака динамичната петочна вечер во градскиот парк.

„Денот на млади е ден кој нѐ  исполнува, кој ни дава мотивација за нашите соништа да се остварат понатаму во животот.  До сите млади кои се бават со музика, нека вежбаат и нека се трудат – еден ден ќе биде. А до сите млади, порачуваме и тие да се трудат“, истакна еден од членовите на „Рома Рок Скул“.

Настанот беше организиран од, Канцеларијата на Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) и (МОФ) во партнерство со Агенцијата за млади и спорт (АМС), Програмата за развој на Обединети нации (УНДП), Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности.

Ивана Смилевска