[Фото] Се руши „дивата“ населба во Урбан парк, граѓаните бараат ново место за живеење

Багери од утрово се активирани во „Урбан парк“. Ги рушат старите објекти, руинирани остатоци од ПУИГ, но и дивата населба, каде веќе подолг период живееја неколку семејства.

Додека општинарите од Центар со асистанција на полицијата го извршуваа решението од инспекцијата, низ паркот е расфрлана железарија, пластики, стари кревети, душеци, точаци и играчки. Купишта стари употребувани предмети. Насекаде.

Граѓаните што спиеја во импровизираните куќарки во паркот сега се на нозе. Бледо гледаат кон машинеријата, полицијата и новинарите. Не знаат што да прават.

„Дојдоа во 8 саатот. Багерите работат, ама треба прво да не’ извадат надвор, не ова да го прават. Бараме одлука за сместување горе во Државна болница. Однапред му благодарам на градоначалникот ако не’ носи таму, да не не’ остава на милост и немилост“, вели за Радио МОФ, Илми Дибран, кој заедно со жената и децата го затекнавме во „Урбан парк“.

Според Дибран, досега надлежните предложиле да бидат сместени во прифатилиштето во Чичино село. Но, не сакаат ни да слушнат за него. Не сакаат да одат таму.

„Има некои проблеми што ние не ги сакаме. Жена ми, нашите ќерки не се проститутки. Не сакаме да не’ тепаат. Има многу луѓе тепано таму. Ние тука ќе останаме. Не одиме никаде. Две години живееме тука. Социјално не земам, кај да одам?“, прашува тој.

Нагласува, тука се четири фамилии.

„Или нека не сместат во трети земји, однапред благодариме. Ако може градоначалник да помага на сите, може и нас да ни помага. Сите хумани луѓе, ако ги има, нека праќаат нешто, да ни помагнат за живот“, вели Дибран.

Илми заедно со жена му Шекерзада

На прашањето дали некои од надлежните дошле и поразговарале за нивната состојба, Дибран кратко одговара: „Дојдоа, ама ние бараме документ за бараките во Државна“.

Од Општина Центар потврдија дека од утринава се спроведува акција на терен.

„Се работи за објекти кои се изградени од ПУИГ, но потоа во нив диво се населија други жители, кој буквално го запоседнаа паркот, градејќи импровизирани живеалишта, каде складираа пластичен отпад и секаков вид шут. Изминатиот месец континуирано се разговараше со лицата им беше посочено дека ќе мора да го напуштат ова нивно привремено незаконско живеалиште“, соопшти градоначалникот Саша Богдановиќ.

Според него, на граѓаните им било понудено и сместување во едно од прифатилиштата на Министерството за труд и социјална политика. Дел од овие граѓани прифатиле, дел не се согласиле.

„Општина Центар по комплетно расчистување на просторот ќе започне со реконструкција, зазеленување и поставување на урбана опрема во паркот. Општина Центар како што ветуваше во изборниот период нема да дозволи дивоградби на својата територија и надлежните ќе носат решенија за нивно отстранување“, соопштува Богдановиќ.

Инаку, изминатава година „Урбан парк“ беше константна мета за критики од јавноста. Се нижеа реакции и барааше некаква реакција, потег од социјалните служби, но и од општинарите за купиштата шишиња, расфрлените отпадоци, мирисот од запален оган и овците што пасеа од локалната трева.


Текст и фото: Бојан Шашевски