[Фото] Расфрлан отпад насред велосипедска патека кај стоковна куќа Мост

Утрово ја добивме фотографијава од #велофоторепортер која ја прикажува состојбата на еден дел од велосипедската Рута 1 – дел од проектот „Скопје Велоград“, соопштуваат од иницијативата НаТочак.

Делот кај Чаршијата, поточно кај Стоковна куќа Мост, велат тие, е еден од покритичните, особено поради поставените контејнери, паркираните возила и негрижата од институциите и угостителите во близина.

„Според дописникот, секој ден има парчиња стакло и ѓубре на патеката. Но, денеска проблемот го достигна врвот. Нашиот #велофоторепотер се обидел да се обрати до угостителот – сопственик на објектот Мал Алтан кој се наоѓа веднаш до патеката и во моментот изведува градежни работи, но тој рекол дека шутот не е негов, а и не знаел дека има велосипедска патека пред својот објект“, стои во реакцијата на НаТочак.

Од иницијативата прашуваат дали градот внимава на состојбата на велосипедските патеки, барајќи да реагира некој од Град Скопје, Општина Центар, ЈП Комунална хигиена.

„Бараме институциите да ни обезбедат безбедни услови за сообраќање, а од вас велосипедистите да ги споделите своите искуства со фотографии од овој критичен дел од Рута 1“, стои во реакцијата на НаТочак.