[Фото] Прв ден „Д Фестивал“

Афро-футуристички панк со инструменти од предмети пронајдени во ѓубре, алтернативен поп, сурф-рок и локален рап се жанровите со кои се отворија вратите на годинешното 13. издание на „Д Фестивал“.

На Москито стејџот прв настапи составот „Fulu Miziki“ или во превод „Музика од ѓубре“ кои на попладневното сонце претставија свежа музичка фузија произведена од инструменти за кои и самите велат дека ги пронашле во ѓубре. Колективот се појави во маски и покрај музика можевме да видиме впечатлив перформанс на музичарите кои цело време се менуваа со инструментите. По нив на Москито ги слушавме „Daikaiju“ по што настана комплетно фестивалско лудило – од мошпит на сцена до сцена што се помести во рацете на публиката од каде директно свиреа музичарите.

Смут стјџеот што исто така е лоциран во камп зоната прва ја слушнавме Ива Лоренс која го носи новиот бран на поп музика на Балканот, а по неа микрофонот го презеде раперот Maximus Vandal.

Во меѓувреме, паркот во Дојран и годинава е претворен во виножито од шатори на фестивалџиите. Во него се мешаат бои на облека, насмевки, пот, пиштолчиња на вода и енергија што се чувствува само на „Д фест“.

Главната сцена вечерва ќе ја отворат „Креатор“, а потоа следуваат „Фолтин“, раперите Strajk, LD Pistolero и Dj Goce SAF ft. R.O.N.I.N, диџејот Галоски и Indira Paganotto. Потоа одиме на плажа, на стејџот Електроник битс каде ќе може да ги слушнеме Roni Size и Ermilova и Nastasya Kish.

Утрешниот ден ќе започне со утринска јога покрај езеро, потоа следуваат активности во ПлоштАрт зоната и богата дневна и вечерна музичка програма во која меѓу другите ќе настапат Smoke Mardjelano, „1000Mods“, „Visionary“ и Кирил Џајковски.

Ангела Бошкоска