[Фото] Наставниците од „Димитар Влахов“ со „мозаик од искрени пораки“ до учениците

Додека трае кризната состојба, со „мозаик од искрени пораки“ професорите од СУГС ,,Димитар Влахов” решија на свој интересен начин преку социјалните мрежи да се обратат до своите ученици со порака дека со нетрпение ги очекуваат повторно во училишните клупи.

„Драги ученици. Во овие денови кога сите сме во нашите домови и не можеме да бидеме заедно во училишните клупи немојте да мислите дека ве заборавивме. Со овие пораки сакаме да ви покажеме дека многу ни недостасувате и со нетрпение очекуваме да заврши оваа ситуација и сите заедно да продолжиме со реализацијата на вашите соништа. Исто така ве потсетуваме на вредностите на вашето училиште“, соопштуваат наставниците.

Во оваа прилика, се обраќаат и до идните средношколци и ги повикуваат да се придружат и да бидат дел од ова училиште, бидејќи, велат тие, кај нив има соживот, разбирање, соработка и пред сè сите функционирааат како едно големо семејство.

„Наставата во нашето училиште се изведува на три јазици: македонски, албански и турски јазик. Имаме образовни профили со тригодишно траење како: фризер, естетичар за нега на раце и нозе, месопреработувач, печатар, доработувач на графички производи и со четиригодишно траење како: техничар за козметичка нега и убавина, прехранбен техничар и графички уредник – дизајнер. Доколку одберете некој од овие занаети нема да погрешите бидејќи занаетот е непроценливо богатство кое ви го нудиме ние, наставниците од ‘Димитар Влахов’. Дојдете на 16 и 17 јуни 2020 година и нека вашите соништа станат реалност“, велат наставниците.