[Фото] „Мајка Земја“ – скулптура на Андреј Митевски посветена на загадувањето

„Мајка Земја“ е новата скулптура на младиот уметник Андреј Митевски која од денеска е поставена на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. Инспирација за ова дело е загадувањето, како и зачестените палења на јавни површини.

„Од една страна, скулптурата создадена со бројни централно поставени оџаци, испраќа порака за спас на Скопје како еден од најзагадените градови на светот и Македонија како една од земјите со најмногу диви депонии и ѓубришта и најзагадени реки во Европа. Од друга страна, скулптурата симболично повикува на крик против уништувањето на планетата на сите нивоа. Самата скулптура ја претставува планетата земја а во средишниот дел е сместена стилизирана маска која има лик на природата, односно мајката земја. Средишната поставеност на маската го симболизира повлекувањето на планената кон нејзината внатрешност“, стои во описот за скулптурата.

Загадувањето, глобалното затоплување, ефектот на стаклена градина, уништувањето на морињата и океаните ја уништува планетата, смета авторот на скулптурата.

„Целата скулптура всушност ја покажува загриженоста за планетата и процесите кои се одвиваат на неа, а маската е симбол на тоа како полека се гаси и затвора во самата себе немоќна да го издржи притисокот на 8 милијарди луѓе кои во најголем дел работат во корист на сопствената штета“, вели Митевски.